Со грант од 3,4 милиони евра Владата ќе поттикнува отворање на нови стартап компании, како и обнова на технологијата на постоечките компании за да бидат конкурентни на светските пазари. Парите се обезбедени од кредитот од девет милиони евра Светска банка што Република Македонија го има добиено за грантирање на компаниите во 2013 година, но досега се искористени само 9 отсто од расположливите средства.
Со овој јавен повик, кој ќе биде отворен до 27 јули годинава, предвидено е да се создадат компании акцелератори, кои треба да обезбедат 25 отсто од потребните средства, а останатите 75 отсто да ги добијат од оваа програма на Владата за развој на економијата, а најмногу до половина милион евра.
Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев кажа дека очекуваат да бидат отворени најмалку четири акцелератори во сите региони во земјава, кои потоа на младите луѓе ќе им понудат помош и средства од грант линијата за отворање на стартап компании.
„Од парите што ќе ги добијат акцелераторите 20 отсто ќе бидат за процесот на менаџирање, а 80 отсто од средствата ќе бидат грантови за новите компании. При тоа на сите што имаат идеја и сакаат да основаат своја компанија ќе им биде понудена обука, разработка на идејата и директна неповратна парична помош“, рече Анѓушев.
Тој очекува на повикот за акцелератори да се јават факултетите, пред сè техничките факултети, локалната самоуправа и иновативните компании, а потоа не е исклучено со дополнителни средства во нив да учествува и државата и останати заинтересирани компании.
Јован Деспотовски, директор на Фондот за иновации и технолошки развој, кажа дека освен за стартап компании повикот се однесува и за постоечките компании кои ќе може да аплицираат за грант за обнова на технологијата, при што ќе треба да обезбедат 50 отсто од инвестицијата, а останатите 50 отсто од парите ќе бидат од оваа програма.
Тој рече дека вкупната определена сума за грантирање е 3,4 милиони евра, но дека нема поделба меѓу тоа колку пари одат за едната, а колку за другата компонента од повикот, и дека распределбата на парите ќе зависи од интересот и понудените идеи.