Доколку не ја исплаќаат минималната плата, работодавачите ризикуваат да заработат и казни.
И тоа, микро и малите работодавачи можат да добијат глоба од 300 до 400 евра, а казните ќе бидат поголеми, од 500 до 600 евра – за средните работодавачи, и најголеми – од 800 до 1.000 евра за големите работодавачи. Сето ова ќе ги снајде ако на вработените не им исплатат минимална плата и придонеси, во согласност со новите законски измени.
Казни се предвидени и за управителите, и тоа 150 евра за одговорното лице кај микро и малите работодавачи, 300 евра кај средните, и 400 евра кај големите компании.
Народните избраници вчера ги изгласаа измените на Законот за минимална плата, која ќе тежи 14.500 денари, стартувајќи од декемвриската плата.
Ако инспекторот за труд утврди дека фирмата не ја исплатила минималната плата, должен е да состави записник и на газдата да му изрече опомена, како и да определи рок во кој тој е должен да ги отстрани неправилностите. Ако по истекот на тој рок, инспекторот утврди дека тоа не е сторено, треба да му нареди со решение на газдата да им исплати минимална плата на работниците, и дава предлог за порамнување со издавање на прекршочен платен налог на одговорното лице. Ако работодавачот тоа не го прифати, инспекторот ќе поднесе барање за поведување прекршочна постапка до надлежен орган.
А доколку, пак, газдата, потоа во период од една година повторно направи ваква грешка, инспекторот со решение ќе ја забрани неговата работа во траење од 15 дена, ќе му нареди на работодавачот на вработените да им исплати минимална плата и придонеси и ќе поднесе барање за поведување на прекршочна постапка.
„За време на забраната за работа, работодавачот е должен на работниците да им исплати минимална плата и придонеси од минимална плата согласно закон. По истекот на забраната за работа, работодавачот не смее да го намали бројот на вработените во наредните три месеци“, стои во законските измени.