Проектот „МојДДВ“ како еден од најуспешните, го оправда своето постоење. За нешто повеќе четири години од спроведувањето на оваа мерка, преку „МојДДВ“ на сметките на граѓаните се слеале безмалку 120 милиони евра.
Тоа се сериозни пари кои се директно исплатени на сметките на граѓаните и позитивно влијае врз семејните буџети кај повеќе од 500.000 корисници на оваа мерка.
Освен дополнителниот приход за корисниците, оваа мерка има и позитивен ефект во намалувањето на сивата економија. Се повеќе граѓани бараат фискални сметки од бизнисите. Евидентиран е зголемен број на пријави од страна на граѓаните за неиздавање на фискални сметки. Во изминативе четири години, од почетокот на „МојДДВ“ биле поднесени повеќе од 5.600 претставки за неиздадени фискални сметки, што упатува на јакнење на свеста за значењето на даноците.
Во семејство со двајца корисници – плус 16.800 денари годишно во семејниот буџет
Од јануари 2023 година се зголеми прагот на враќање на дел ДДВ-то изразено во фискалните сметки, од 1.800 денари за едно тромесечје, на 2.100 денари, односно 8.400 денари годишно по корисник.
Граѓаните кои скенираат фискални сметки во едно тромесечје сега може да остварат максимален износ од 2.100 денари по корисник. За цела една година тоа се 8.400 денари по корисник.
Доколку во едно семејство има двајца корисници на оваа мерка, тоа се 16.800 денари во семејниот буџет во текот на една година.
Можно зголемување на прагот на повратот на ДДВ
Директорка на УЈП, Сања Лукаревска во гостување на МТВ во средата, рече дека повратот на ДДВ може да биде и повисок од моменталниот од 2.100 денари, односно тој постепено да се зголемува.
-Не треба да останеме на повратот од 2.100 денари, туку може од наредната година постепено да го зголемуваме, рече Лукаревска.
Сите показатели што произлегуваат од овој четиригодишен период укажуваат дека мерката „МојДДВ“ е добро дизајнирана и позитивно прифатена од граѓаните.