Пензионерите ги одбројуваат деновите до исплатата на мајската пензија. Трета по мартовското усогласување од 5,3 насто. Процентите, сигурно, не влијаеле врз пензионерскиот стандард, исто како што не прават драстична разлика во статистиката на Фондот за пензиското и инвалидското осигурување.
Последните податоци се за април, кога просечната исплатена пензија изнесувала 21.299 денари. Во тие рамки просекот на семејната пензија е 16.772 денари, на инвалидската 18.880, на старосната 22.951, на земјоделската 10.991 денар и на воената 29.907 денари.
Бројот на корисници на пензија во четвртиот месец од годината е 337.054. Од сите нив, 87.660 лица живеат со најниските законски пензии. Додека, пак, само 18 ја имаат највисоката пензија од 80.280 денари.
Најниските пензии се поврзани со одделни периоди од пензионирањето и се распределени во три групи. Се движат од 13.852 до 16.909 денари. Или од 225 до 275 евра. За што се доволни тие пари, дали само за лекови, сметки и најосновните прехранбени намирници, или не целосно и за тие потреби, најдобро знаат луѓето што ги примаат.
Од статистиките на ПИОМ е забележливо дека во структурата најголемо е учеството од 30,59 проценти на лицата со пензии од 13.193 до 16.909. Се работи за 103.105 корисници на пензија. Понатаму, следуваат оние 87.790 граѓани (26,05%), чии пензии се од 22.501 до 36.614 денари.
Бидејќи пензиите зависат од висината на платите и придонесите уплаќани во текот на работниот век, јасно е зошто во структурата се најмалубројни – со само 0,84 отсто, пензионерите со пензии над 57.481 денар. Оваа група ја сочинуваат 2.823 лица.
Во април статистиката на ПИОМ забележала 2.194 нови пензионери, 1.491 маж и 703 жени. На темната страна се запишани 1.060 лица, 814 пензионери и 246 пензионерки. Тогаш биле исплатени 50.855.000 денари, со кои се одговорило на 1.459 барања доставени од семејствата на починатите корисници.
Истиот месец, од пензиите на 320.185 лица биле уплатени вкупно 9.690.330 денари во Сојузот на здруженијата на пензионерите.
Редакција Пари