Статистичарите утврдија дека имаме поголеми трошоци поради растот на цените на храната за 1,2 процент. Нивните бројки покажуваат дека на месечно ниво, односно во август, цените на зеленчукот се зголемиле најмногу, и тоа за високи 10,5 проценти. Со цел намалување на цените на основните прехранбени продукти, Владата најави потрошувачки кошници.

Како да се намалат животните трошоци и да се растовари семејниот буџет?

Наспроти светскиот тренд на благо поевтинување на дел од најтрошените прехранбени продукти, во Македонија последните податоци покажуваат ново поскапување на животните трошоци, особено кај храната. Статистичарите утврдија дека имаме поголеми трошоци поради растот на цените на храната за 1,2 процент, но и кај културата за 1,1 отсто, потоа кај здравствените потреби за 0,8 проценти… Нивните бројки покажуваат дека на месечно ниво, односно во август, цените на зеленчукот се зголемиле најмногу, и тоа за високи 10,5 проценти.

Домашните производители забележуваат намален интерес на потрошувачите

Домашните производители на земјоделски култури велат дека на пазарите има сѐ помалку купувачи и дека трошат сѐ помалку стока, за разлика од претходните години.
– Долги години со сопругот одгледуваме раноградинарски производи, како краставици, домати, пиперки. Цела фамилија е ангажирана и со години сме произведувале големи количества, од кои дел ги продававме на прекупци, дел сами на Зелениот пазар во Скопје. Последните години се забележува дека има сѐ помалку купувачи и дека продаваме помалку количински. Ваквата тенденција се појави пред можеби пет-шест години. Клиентите се намалуваа постепено, а како што гледавме дека се намалува потрошувачката така намалувавме и во производството – вели една средовечна жителка на главниот град.

Според неа, сѐ помалку граѓани доаѓаат на пазарите да купуваат свежа стока, што смета дека е резултат на слабиот интерес, на конкурентските маркети, кои нудат сѐ во едно, но и на работното време.
– Најголем дел од клиентите што доаѓаат се повозрасни луѓе, поточно пензионери. Млади или луѓе на средни години има најмногу за викендите, но и тогаш ги има сѐ помалку. Сега сите сакаат во едно да испазарат, па си купуваат и овошје и зеленчук од маркетите – вели нашата соговорничка, додавајќи дека има и сѐ помалку производители на земјоделски продукти и дека на пазарите забележува повеќе прекупци.

ФАО ја намали прогнозата за глобалното производство на житни култури во 2024 година, сега одредувајќи ја на 2,851 милиони тони, речиси на исто ниво со онаа од 2023 година. Од друга страна, ја зголеми прогнозата за производство на пченица и ориз, кој сега се предвидува да достигне историски максимум од 537 милиони тони.
Се предвидува дека светските резерви на житни култури ќе се зголемат за 1,2 процент на крајот на сезоната во 2025 година, што ќе донесе глобален сооднос на резервите на житни култури кон употреба во 2024/2025 година на 30,7 проценти.

Владата најави есенска, предновогодишна и пролетна кошница

Со цел намалување на цените на основните прехранбени продукти, Владата најави есенска, предновогодишна, како и пролетна кошница.
– Ќе имаме предновогодишна кошничка, есенска кошничка во која ќе има своевиден избор на производи што се најупотребувани во тој период од годината, а ќе имаме и пролетна. Во зависност од тоа какви се потребите на граѓаните, во зависност од тоа што најмногу се троши ќе го следиме процесот и нема да дозволиме да ни се случи повторно висока стапка на инфлација со што ќе се влијае негативно на стандардот на граѓаните – потенцираше премиерот.

Министерот за економија Бесар Дурмиши појаснува дека прават пресметки за намалување на цените на „есенската потрошувачка кошничка“, која треба да содржи околу 100 прехранбени производи и која утре треба да биде готова.
– Нашата цел е да им излеземе во пресрет на граѓаните, сѐ со цел да има подобрување на животниот стандард. Исто така сакам да кажам дека оваа есенска потрошувачка кошница во наредниот период ќе продолжи да се применува во вид на божиќна потрошувачка кошница, рамазанска потрошувачка кошница, велигденска потрошувачка кошница, со измена на листата на производи што ќе бидат опфатени во зависност од периодот во кој ќе се применува – објасни Дурмиши.

Според министерот, Законот за забрана на нефер трговски практики останува во сила. Рабатот и дополнителните трошоци од листата на 2.548 тарифни броеви на земјоделски и прехранбени производи во трговија на мало и трговија на големо ќе бидат ограничени на 10 проценти, почнувајќи од 28 септември.

Граѓаните, пак, и понатаму се жалат дека поради поскапувањето се враќаат од продавниците со полупразни торби, поточно со многу помалку производи отколку што можеле да купат во изминативе месеци. Е.Р.


Забележан глобален пад на цените на храната

Од друга страна, светот забележа пад на цените на храната. Организацијата за храна и земјоделство при Обединетите нации (ФАО) објави дека најголемо намалување има кај цените на шеќерот, месото и на житата.
– Индексот на цените на храната на ФАО, кој ги следи месечните промени во меѓународните цени на збир на прехранбени производи со кои се тргува на глобално ниво, во август изнесуваше во просек 120,7 поени, што е малку помалку од неговата ревидирана јулска бројка и 1,1 отсто под вредност во август 2023 година – се нагласува во нивната анализа.

Цените на житата паднаа за 0,5 отсто во однос на јули, поттикнато од пониските глобални извозни цени на пченица во услови на конкурентни цени на резервите на Црно Море и повисоко приноси во Аргентина и Соединетите Американски Држави. Но цените на пченката благо се зацврстија, поради влијанието на топлотните бранови врз приносите во Европа и Северна Америка. Цените на оризот се зголемија за 0,6 отсто.
Порасна и индексот на цените на млечните производи на ФАО, кој во август се зголеми за 2,2 отсто. Меѓународните цени на сирењето, исто така, се искачија поради повисоката глобална побарувачка за увоз, додека меѓународните понуди за путер достигнаа историски максимум поттикнати од неизвесноста.

Индексот на цените на месото на ФАО се намали за 0,7 отсто во однос на јули, при што цените на живината, свинското и овчото месо се намалени поради слабата побарувачка.