Околу 1.500 производи ќе имаат нови стапки кај Данокот на додадена вредност (ДДВ), изјави денес премиерот Димитар Ковачевски.
Станува збор за околу 1.500 производи кои што имаат голем број на тарифни броеви. Таа листа е веќе доставена до стопанските комори и во наредните денови Министерството за финансии ќе ја објави на својата веб страница, изјави Ковачевски на настанот ставање камен темелник на нова полициска станица во Аеродром. Тој посочи дека даночната реформа е она што владата го ветила дека ќе го направи, како и дека притоа нема да има зголемување на данокот на добивка, на персоналниот данок, ниту воведување на било какви други даноци во даночниот календар.
И тоа го остваривме. Меѓутоа, со оглед на тоа дека голем број на производи кои што се од луксузен карактер беа ставени со даночна стапка од пет проценти, како на пример најскапи видови морска храна, одредени видови скапи сирења кои што се носат од Франција, од Италија, и тн, се одлучи дека треба да се проошири даночната база. Односно, тие производи да не бидат на повластена стапка од пет проценти, туку на десет проценти, што е повторно повластена даночна стапка бидејќи основната стапка на ДДВ кај нас е 18 отсто, рече Ковачевски.