Наместо 500 евра минималец колку што бараше синдикатот, таа се зголеми за 1.800 денари. За дел од експертите одлуката на владата е сосема очекувана.

Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт вели: „Тие ни ова минимално зголемување сега не би го направиле, ама ставено е во закон, па мораат“. Според него ова ќе има негативни социјални ефекти и ќе ги погоди најсиромашните.

„Растот на реалната плата веќе е значајно забавен – од 11% пред да дојде Владава, на под 4% во јануари. До средина на годината, реалниот раст веројатно ќе се сведе на нула, што неминовно ќе ја забави потрошувачката, која беше главниот мотор на растот изминатите две години. Во услови на глобална криза и трговска војна, кога извозот и инвестициите се очекуваат да се намалат, во најмала рака е нерационално да се удира и по платите и потрошувачката“, вели Бранимир Јовановиќ.

Но како одеше сагата за минималната плата. На почетокот на декември премиерот излезе од седницата на Економско социјалниот совет и изјави:

„Ние не сакаме да се мешаме. Ќе ги оставиме тие две страни, односно  и работниците и работодавачите тие да се усогласат што е тоа што можат едните и другите да го прифатат. Така што ние сме во случајов страна што е тука да фасилитира, а не да одлучува. Така што сето она што тие меѓу себе ќе го договорат ние како страна како Влада ќе го прифатиме“, вели Христијан Мицкоски.

Потоа се повлекоа членовите од Комисијата за репрезентативност која треба да утврди кој е репрезентативен синдикат . Пет до дванаесет се назначија нови. Но не се одржа седница на Економско-социјалниот совет (ЕСС). Во моментов сè уште нема репрезентативен синдикат.

Па одлуката за минималецот ја донесе Владата со одлука, согласно законското усогласување.

„Денеска ќе поминеме информација согласно законот, мислам дека минималната плата ќе се зголеми на ниво од 24.400 денари. Така е според Законот. И сега немаме ние репрезентативен синдикат во Економско социјалниот совет. Се формираше Комисија која што ќе ја утврди репрезентативноста. Се надевам дека наскоро, тој што ќе биде или тие што ќе бидат репрезентативни претставници на работниците, заедно со работодавачите ќе постигнат консензус. Ние рековме тој консензус што тие ќе го постигнат ние ќе го почитуваме како Влада“, вели Христијан Мицкоски.

За синдикалците е незаконска.

„Првпат откако е воведена минимална плата од 2012 година, за минимална плата се одлучи без работниците“, вели Трпе Деановски.

Но со тоа не се согласува заменик министерот.

„Апсолутно е законска и сметам дека понатаму е оставен простор во тој дијалог социјален каде што е трипартитен, владата, работодавачите и синдикатите, доколку се договорат овие репрезентативни синдикати, ние тоа да го испочитуваме како влада“, вели Марјан Ристески.

Според Јовановиќ сега со минимална плата од 24.400 денари или помалку од 400 евра земјава е на дното во регионот, а само пред една година, беше меѓу највисоките во регионот.