Системот за наводнување „Славишко поле“ почна со работа во општина Ранковце. Станува збор за инвестиција вредна 1,8 милиони евра, финансирани од Европста Унија, како дел од ИПА проект за изградба на мали нискотрошковни системи за наводнување.

Премиерот Димитар Ковачевски на отворањето на системот рече дека со него ќе се наводнуваат 200 хектари обработливо земјоделско земјиште кое го обработуваат 500 домаќинства од селата Псача, Петралица и Гиновци.

„Земјоделците, во текот на целата година ќе имаат достапна вода за наводнување на земјоделските посеви, што крајно ќе влијае врз зголемување на земјоделското производство, не само во квантитет туку и во квалитет. Наводнувањето и инвестициите во водостопанската инфраструктура се основата за развојот на земјоделството и токму затоа ставаме силен фокус на ваквите инвестиции како денешната, особено во овие времиња на криза кога е важно да произведеме што повеќе храна“,

Министерот за земјоделство, Љупчо Николовски, пак, рече дека системот ќе им овозможи на земјоделците три пати да го зголемат производството.

„Системот е проектиран да работи под притисок, со што ќе овозможи користење на прскалки или системи за наводнување капка по капка, со што се постигнува висока ефикасност на наводнувањето. Нема да има загуби на вода што е од исклучително значење заради заштита на животната средина и сѐ поголемите влијанија на климатските промени“,рече Николовски.