Пратениците во рамки на денешното продолжение на 136. седница го изгласаа Предлог законот за задолжување со заем кај Фондот за меѓународен развој на Организацијата на земјите извознички на нафта по Договорот за заем за Програмата за одржливост и отпорност, по скратена постапка.
Како што стои во образложението за Предлог законот објавено на веб страната на Собранието, вкупната вредност на заемот од Фондот за меѓународен развој на ОПЕК изнесува 50.000.000 евра. Рокот на отплата е 10 години, со вклучен грејс период од две години. Каматната стапка е шестмесечен ЕУРИБОР зголемен за маргина од 1,7 проценти. Заемот ќе се отплаќа во 16 полугодишни рати кои пристигнуваат за плаќање на 15-ти јануари и 15-ти јули секоја година, почнувајќи од 15-ти јануари 2026 година.
-Република Северна Македонија ќе му плати на Фондот за меѓународен развој на ОПЕК еднократна провизија во износ од 0,25 проценти од износот на заемот. Оваа провизија за овој заем изнесува 125.000 евра и ќе биде платена еднократно од средствата на заемот. Република Северна Македонија ќе му плаќа на Фондот за меѓународен развој на ОПЕК провизија во висина од 0,25 проценти од неповлечениот дел од заемот на годишно ниво, стои во образложението.
Во рамки на 131. седница пратениците ги донесоа и Предлог законот за задолжување со заем кај Кредитната банка за обнова (КфВ) и Предлог законот за задолжување со заем кај Европската Унија по договор за заем за макро-финансиска поддршка, двата во скратена постапка.