Собранието на Македонија

 

Собранието на Македонија по тридневна расправа со 53 гласа „за“ и 13 против го усвои дополнетиот ребаланс на Буџетот за 2018 година со кој се направени корекции на расходната страна со цел обезбедување финансиска поддршка за општините и зајакнување на фондовите за здравствено осигурување, пензиско и инвалидско осигурување и Агенцијата за вработување. Со ребалансот на Буџетот за 2018 година извршена е реалокација на средства помеѓу буџетските корисници, алоцирање на дополнителни средства во износ од 660 милиони денари во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, со цел непречена исплата на пензиите и транзициските трошоци за вториот пензиски столб, обезбедени се дополнителни 763 милиони денари во Фондот за здравствено осигурување со цел непречено остварување на право на здравствена заштита и боледувања, како и дополнителни средства во износ од 451 милиони денари на Агенцијата за вработување на Република Македонија за исплата на надоместокот по основ на невработеност. Намалени се одредени позиции кај капиталните расходи на буџетските корисници кај кои е евидентирана забавена динамика на реализација, воглавно проекти финансирани со кредити. Собранието по останатите точки од дневниот ред на оваа седница ќе продолжи денеска.