Има јасни резултати од социјалната реформа од 2019 година, а тоа е дека е зголемен бројот на луѓе кои се корисници на социјалната помош, зголемена е сумата на пари што ја добиваат како помош, а подобрен е и начинот како оваа помош се дистрибуира. Недостатокот е што за пет кризни години не е драстично намален бројот на луѓе кои живеат во сиромаштија. Реформата не треба да запре, туку уште посилно да продолжи, изјави проф. д-р Ванчо Узунов од Правниот факултет „Јустинијан Први“.
Узунов и д-р Пол Стабс се автори на анализата „Ефектите и одржливоста на социјалната реформа од 2019 година во Република Северна Македонија“, која денеска беше презентирана во Скопје, во организација на Фондацијата Фридрих Еберт – Канцеларија Скопје и Асоцијација за инклузивен и одржлив развој (СИГА).
-Ова беше една многу храбра и многу напредна реформа на системот на социјална заштита преземена во 2019 година. Потоа, се соочи со проблемите на инфлацијата и на пандемијата, при што точно покажа дека реформата била замислена флексибилно. Затоа, успеа да ги ублажи последиците од кризата за сиромашниот слој на населението, меѓутоа покажа и нешто друго, тоа што ние го констатиравме во извештајот – дека треба поинаку да бидат поставени или дефинирани одредени аспекти во однос на финансирањето и опфатноста на загрозени семејства, изјави проф. д-р Узунов пред презентацијата на анализата.
Како што потенцираше, согласно анализата, во последниот период на инфлација, сиромашниот дел од населението бил во малку полоша состојба од останотото население.
-Она што можеше да се забележи во овој последен период на инфлација, бидејќи за време на инфлацијата социјалните давачки се израмнуваат дури по поминување на инфлацијата, е дека сиромашниот дел од населението во текот на инфлацијата беше во малку полоша состојба од останатото население. Тоа е она што треба да се промени. Добра социјална положба е важна за богатите граѓани колку и за сиромашните граѓани. Треба да разбереме дека во држава во 21 век ова едноставно треба да биде незапирлива задача, рече Узунов.
Според него, сега кога се смирува инфлацијата, треба да се продолжи со социјалната реформа.
– Само тогаш навистина ќе имаме реални шанси да создадеме солиден систем на социјална заштита за нашите регионални услови и државата да почне да го тргна проблемот со сиромаштија од дневен ред. За жал, мене ми е многу чудно што кампањата не е почната, но по изјавите на голем број политичари, оваа тема не доминира. Мојата препорака е да ја стават оваа тема број еден на агендата, додаде проф. д-р Узунов.
Според д-р Пол Стабс, социјалната реформа во Северна Македонија во 2019 година била една од најамбициозните и највизионерските реформи во регионот.
-Реформата е амбициозна бидејќи воведе бенефиции за најсиморашните во општеството, даде поддршка на децата и семејствата и воведе реформи во социјалната заштита. Во време на ковид кризата и инфлација можеби се лимитираа ефектите од реформата, но воедно токму кризата ја покажа флексибилноста на овие реформи, рече д-р Стабс.
Тој потенцираше дека главната порака од анализата е реформите да продолжат, да се слушнат и стручните лица од оваа фела, да се искористат сите елементи од системот, бидејќи голем дел од населението се уште живее во сиромаштија. Според д-р Стабс, социјалната политика не е товар, туку инвестиција во општеството и секогаш може и треба да се најдат финансиски средства за да се овозможат услуги за најранливите.
Претседателот на СИГА, Душан Томшиќ посочи дека процесот на реформата на социјална и детска заштита бил многу голем, посочувајќи дека се сменети законите за социјална заштита, воведено е правото на гарантирана минимална помош, изменети се законите за детската заштита и воведен е универзален детски додаток.
– После четири до четири ипол години од менувањето на законите за социјалната и детската заштита, денес имаме шанса да видиме дали реформата оди во добар правец. Процесот на реформа беше навистина голем. Се сменија законите за социјална заштита, се воведе правото на гарантирана минимална помош, се изменија законите за детската заштита и се воведе универзален детски додаток. Се отиде силно кон развој на социјалните услуги и тоа во услови на ковид криза, при што имаше и одредени фактори кои делуваа негативно во делот на потполната имплементација на овие законски решенија, рече Томшиќ.