Францускиот банкарски гигант „Societe Generale” објави дека во четвртиот квартал од 2019 година остварила помала добивка од предвиденото, но откри планови за можен откуп на акции и најави подобрување на профитабилноста во 2020 година.

Банката пријави нето добивка од 654 милиони евра за четвртиот квартал, што е малку под очекувањата на пазарот. Аналитичарите очекуваа заработка од 665,8 милиони евра за последниот квартал од 2019 година или вкупно 3 милијарди евра профит за целата 2019 година, покажуваат податоците на финансиската куќа „Refinitiv“.

„Societe Generale” објави дека нето приходите достигнале 3,2 милијарди евра во 2019 година.

Приходот на банката достигна 6,2 милијарди евра во четвртиот квартал, во споредба со истиот период од претходната година кога тој изнесуваше 5,9 милијарди евра. Коефициентот CET 1 беше 12,7% на крајот на декември, во однос на 10,9% пред една година. Оперативните трошоци минимално се намалија на 4,5 милијарди евра, во споредба со 4,55 милијарди евра во 2018 година.

„Во суштина, 2019 година беше година на транзиција, многу активен период на трансформација за групацијата. Значи, од оваа гледна точка постигнавме прилично добри резултати“, изјави Филип Хајм, заменик генерален директор на „Societe Generale”.

Банката објави нето приход од 230 милиони евра за својата француска малопродажна единица, што е намалување за 18,4% во однос на претходната година. Еден од најголемите француски банкарски гиганти објави дека се уште е задоволен од влијанието, со оглед на моменталната политика на ниски каматни стапки и тековната трансформација на нејзината француска мрежа.

Европските кредитори често ја критикуваат ултра-лабавата монетарна политика што ја спроведува Европската централна банка (ЕЦБ). Централната банка со седиште во Франкфурт воведе негативни стапки во 2014 година и сè уште не ги врати каматите во позитива. Негативните стапки можат дополнително да го намалат билансот на состојба на банката.

„Ние би биле многу среќни, кога оваа монетарна политика би се нормализирала, но консензус е дека таа ќе продолжи со исто темпо и во следниот период, а ние треба да бидеме подготвени. Треба да бидеме реални“, додаде Хејм во изјава на „CNBC“.

Третата по големина банка во Франција предвидува повисоки нето приходи во 2020 година во однос на 2019 година. Банката предвидува поголеми приходи во тековното економско опкружување, пониски оперативни трошоци и пад на соодносот трошок / приход.

Објавена е нова политика за дивиденда, со сооднос на исплата од 50% од нето приходот на основната група, што може да вклучува откуп на акции до 10%.

Банката соопшти дека очекува да плати дивиденда од 2,20 евра по акција во готовина во врска со нејзините перформанси во 2019 година.

Акциите на француската банка се зголемија за 15% во последните 12 месеци.

Дел од приходите кои ги оствари „Societe Generale” се остварени од продажба на имот и напуштање на своите позиции на Балканот, меѓу кои и продажбата на контролниот пакет акции на Охридска банка на групацијата Штаермаркише Шпаркасе.