Компаниите што работат во македонските индустриски зони, веќе почнаа со јавно-приватно партнерство за поставување соларни електрани во ТИРЗ-овите. Идејата е да се снабдат производствените капацитети од кои се извезува стока во Европската Унија, така што компаниите нема да мораат таму да го плаќаат прекуграничниот данок на јаглерод
Европските и северноамериканските компании, за да останат конкурентни, треба да ги намалат трошоците на име на емисии на стакленички гасови, па затоа се свртуваат кон почисти извори. Се очекува производителите што работат надвор од ЕУ, во 2026 година да воведат механизам за прекугранично приспособување на јаглеродот (SVAM ) и за да можат да извезуваат во трговскиот блок од 27 членки на ЕУ, ќе треба да платат надоместок за емисиите генерирани при производството, а царините постепено ќе се зголемуваат.
Ова се однесува и за компаниите што работат во македонските индустриски зони, кои веќе почнаа со јавно-приватно партнерство за поставување соларни електрани во ТИРЗ-овите. Идејата е да се снабдат производствените капацитети од кои се извезува стока во Европската Унија, така што компаниите нема да мораат таму да го плаќаат прекуграничниот данок на јаглерод.
– Воспоставувањето јавно-приватно партнерство за соларни електрани оди преку Директоратот за технолошко-индустриски развојни зони. „Нормак инвестмент“, косопственик и концесионер на зоната Тетово, со која управува, доби од Регулаторната комисија за енергетика и услуги во управувањето со води и комунален отпад (РКЕ) пробна лиценца за работа за планираната соларна централа од десет мегавати – објави порталот „Балкан грин енеџи њувс“.
Исто така, ТИРЗ потпиша договор вреден 412 милиони денари (6,7 милиони евра) со „Зобек Мајнинг“, за подготовка на земјиште за изградба на соларни централи на локации во двете индустриски зони во Скопје, како и во Штип, Струмица, Прилеп и во Струга. Од Дирекцијата наведуваат дека ќе се финансираат работите од надоместоците што ќе ги платат операторите на фотоволтаични системи.
Ист договор за јавно-приватно партнерство има и ЕСМ со турската „Фортис електрик“ и со бугарската „Солар про“ за изградба на фотонапонска електрана во Осломеј, од 100 мегавати. Вредноста на инвестицијата треба да биде 70 милиони евра.
Кон крајот на минатата година, ТИРЗ објави јавен повик за започнување јавно-приватно партнерство за соларни централи. На тој конкурс, прва беше избрана турската компанија „Фидес електрик енерџиси“. Исто така, и „Пиксел груп“ во септември 2022 година најави дека ќе изгради фабрика за соларни панели во ТИРЗ Тетово, со германската компанија „AE Солар“.