Успешните компании ќе мора да го платат солидарниот данок. Иако е оспорен пред Уставен, за 10 тина дена истекува законската обврска за плаќање, а судот допрва ќе ја отпочне постапката. Иницијативата од Стопанската Комора стигнала до нив, но, времето е кратко за да се изврши прераспределба и да се донесе одлука. Токму затоа од Стопанската Комора , која го оспори законот побараа Уставен да донесат времена мерка, односно да не го плаќаат данокот додека не се произнесат. Но од Уставен велат дека во оваа фаза, судот не одлучува само за времената мерка, туку кога ќе се расправа и одлучува по главниот предлог во постапката.
Стопанската комора и сите бизнис асоцијации во однос на законот за солидарен данок се обединија токму поради правото за одредена гарантирана правна заштита. Значи, во случајот на бизнисот му е потребно загарантирана правна заштита во однос на своето делување. Кога зборувам за тоа, значи дека оваа добивка која што ја оствариле компаниите ја оствариле во 2022 година. Таа добивка ја планирале во претходниот период кога важела одредена законска регулатива и штом веќе се нарушува тој процес на планирање нормално е дека фирмите ќе се обединат во функција на обезбедување на гаранција за своето право, рече Анета Трајковска, Стопанска Комора.
Солидарниот данок треба да го платат сите компании кои лани оствариле приход поголем од 10 милиони евра и имаат за 20 отсто поголема добивка од 4 годишниот просек. Разликата во приходите кои го надминуваат просекот ќе им биде одданочена со 30%. Со оваа еднократна давачка се очекува во буџетот да се соберат околу 90 милиони евра, пари кои би се искористиле за антикризни мерки.