Осврт кон работењето на Централна кооперативна банка АД Скопје во третото
тримесечје од 2018 година

Податоците од финансиските извештаи за работењето во третото тримесечје од 2018
година покажуваат дека Банката има остварено позитивен финансиски резултат, кој е
значително подобар во однос на истиот период од минатата година. Имено, Банката во
овој период забележува подобрување на резултатите во повеќе сегменти од работењето.

Во однос на крајот на минатата година, порастот на кредитното портфолио од 8,86%
овозможи зголемување на приходите од камати во тековниот период за 6,21%.

Зголемените приходи од камати остварија позитивен нето-ефект, гледано преку порастот
на нето-приходите од камати од 6,27%. Растот на депозитите на други
комитенти од 6,88%, во однос на крајот на минатата година, е проследен со
зголемување на расходите за камата, кои, во однос на истиот период минатата година,
се зголемени за 6,10%.

Во делот на провизии и надоместоци, Банката бележи намалување на нето-приходите
од провизии и надоместоци за 4,63%, што е во согласност со определбата на Банката
за понуда на конкурентни и подостапни услуги за своите клиенти.
Линијата нето-приходи од курсни разлики забележува раст од 6,98% во однос на
минатата година, додека останатите приходи од дејноста имаат намалување за
10,35%.

Во ова тримесечје, Банката евидентира зголемување на расходите на позицијата
исправка на финансиските средства, со оглед на растот на кредитното портфолио.
Банката во изминатиот период нема евидентирано нови преземени средства и соодветно
нема издвоено загуба поради оштетување на нефинансиските средства.

Во анализираниот период трошоците за вработени забележуваат раст од
4,40% во однос на истиот период од минатата година, кој се должи на
зголемениот број на вработени и на континуираното вложување во постојните.
Значителни заштеди Банката има остварено кај позицијата останати расходи
од дејноста каде има намалување во апсолутен износ од 6,306 илјади денари
или 5,65% во однос на истиот период минатата година.