По средбата на делегација од СОНК во Владата во вторникот, ова ќе биде нов обид за договор за исполнување на барањето на Синдикатот за зголемување на платите односно усогласување со минималната во дејностите образование и детска заштита.

СОНК бара зголемување на платите за 18,5 проценти односно нивно усогласување со миниманата плата која од овој месец се зголемува од 15.200 на 18.000 денари и дополнително минималната плата да биде основица со која ќе се множат коефицинетите на сложеност на работни места.

Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска изјави денеска дека се надева до 11 април, за кога е закажан штрајк на вработените во училиштата и градинките, да се дојде до договор со СОНК со цел згрижувањето на децата да може да се одвива непречено.

Според Тренчевска, и да нема договор  директорите на градинките мора да најдат начин да ги згрижат децата кои ќе дојдат зашто тоа е така регулирано со Законот за детска заштита.

Неделков пак, минатата недела изјави дека родителите треба да имаат разбирање за барањата за повисоки плати и нагласи дека СОНК нема да им рече да не ги носат децата во градинка, но дека ако родителите имаат алтернатива, дека многу ќе им помогнат на вработените во нивните легитимни барања.

„Убедени сме дека нашата синдикална борба за остварување на социјални права ќе вроди со плод, при што конечно вработените во овие дејности ќе бидат достојно вреднувани, а со тоа и помотивирани за извршување на своите работни обврски“, се вели во одлуката на СОНК за одржување на генерален штрајк на 11 април.