КСС до медиумите го прати писмото за поддршка од СОНК, во кое се вели дека усогласување на платите врз основа на зголемување на минималната плата на национално ниво и почитувањето на Законот за минимална плата и колективните договори се барања за кои тие заедно се борат подолго време, дека за нив треба да бидат сериозно сфатени и тие итно треба да бидат прифатени од Владата
Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија (КСС) соопшти дека добила поддршка од Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) со 30 000 члена за предупредувачкиот протест најавен за в среда и за активностите што ги преземаат дел од гранските синдикати здружени во КСС за подобрување на работничките права.
КСС до медиумите го прати писмото за поддршка од СОНК, во кое се вели дека усогласување на платите врз основа на зголемување на минималната плата на национално ниво и почитувањето на Законот за минимална плата и колективните договори се барања за кои тие заедно се борат подолго време, дека за нив треба да бидат сериозно сфатени и тие итно треба да бидат прифатени од Владата.
„Сакаме да ги увериме членките на Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС), каде што впрочем и СОНК припаѓа, дека имаат отворена поддршка од сите нас, а особено заради оправданите барања коишто ги упатуваат до Владата. Енергично стоиме зад одбрана на правата и интересите на сите работници во државата и гласно протестираме за секакво влијание, мешање или манипулација на власта на сите нивоа, во синдикалното организирање и дејствување. Само здружен, единствен и вистински синдикат, како што е КСС, може и треба да претставува сериозен фактор во државата, кој ќе биде почитуван од страна на надлежните. СОНК е убеден дека вашиот организиран протест ќе биде успешен и дека вашите оправдани барања ќе бидат конечно сериозно сфатени и прифатени од надлежните во државата. Сепак, сметаме дека по пат на социјален дијалог ќе се изнајдат заемно прифатливи решенија за гранските синдикати при КСС и ве уверуваме дека СОНК и во иднина ќе им ја дава целосната поддршка за сите чекори што би ги преземале“,
е наведено во писмото на СОНК до КСС.
Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) најави дека на 30 март ќе излезе на протест пред Собранието, во знак на незадоволство што досега не е направено усогласување на другите плати со минималната плата во јавниот сектор.