Од вторник штрајкот на СОНК продолжува доколку нема нова понуда од Владата за зголемувањето на платите на просветарите. Откако вчера СОНК беа на повторни разговори со МОН, првиот човек на синдикатот Јаким Неделков, за ТВ24 кажа нема промена во ставовите на двете страни.

Додека СОНК и Владата се во пат позиција, ССМ му откажа поддршка на синдикатот за образование и наука и започна преговори со Владата за линеарно покачување на платите во јавниот сектор за 2.806 денари.

Според ВМРО-ДМПНЕ со средбата на претседателот на ССМ, Дарко Димовски со Владата се саботираат легитимните барања на СОНК.

„Омилениот синдикалец на Kовачевски, Дарко Димовски и Ковачевски решија да симулираат социјален дијалог, а во суштина да ги саботираат легитимните барања на СОНК и КСС, ова е уште еден пример како се убива правото и вистината и како се газат правата на наставниците и работниците.На наставниците и просветниот кадар не им требаат трошките кои ги фрла омилениот синдикалец на власта, туку вистинско покачување согласно Колективниот договор во образованието“ – велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од СДСМ пак велат дека приоритет на Владата е подобрување на животниот стандард на граѓаните и покачување на платите.

„Владата и ССМ го започнаа социјалниот дијалог за нов општ колективен договор со вклучено покачување на платите од 2.806 денари за сите во јавниот сектор.На состанокот со репрезентативниот синдикат веќе е утврдена рамката на разговорите преку кои треба да се дојде до решение. Таа го опфаќа усогласувањето на платите за линеарно зголемување за 2.806 денари нето, или 4.333 денари бруто, за сите во јавниот сектор. А, ќе се разговара и за враќање на регресот за годишен одмор (К-15)“ – велат од СДСМ.

Доколку има линеарно зголемување на платите, тогаш како што велат од ССМ, од хигеничарка до претседател на државата ќе имаат еднакво зголемени плати за 2.806 денари, што е спротивно од барањето на СОНК кои бараат зголемување на платите на сите вработени во обрзовниот процес, но да бидат усогласени со коефициент на сложеност на работните места.