Олеснување на пристапот до финансиски средства за микро, мали и средни претпријатија, вклучувајќи ги и старт-ап компаниите е главната цел на Меморандумот за сработка што го потпишаа Фондот за иновации и технолошки развој и НЛБ банка.

Со тоа на компаниите – апликанти за кофинансирани грантови на ФИТР, преку различни кредитни продукти, Банката ќе им обезбеди дополнителна финансиска поддршка во делот на сопствено кофинансирање преку поволни кредитни линии.

-Вербата во успехот на домашните претприемачи е нашиот двигател интензивно да работиме на обезбедување подобри услови и да им покажеме на компаниите дека сме партнери на повеќе нивоа. Сметам дека соработката со НЛБ Банка ќе биде голем стимул особено за стартап компаниите кои во голем број случаи се соочуваат со потешкотии при обезбедување на финансиски средства. Имаме млади со навистина фантастични идеи кои со поволностите кои ќе ги добијат преку новата сорабока ќе добијат дополнителна поддршка за реализација на бизнис плановите, изјави Коста Петров, директот на Фонд за иновации и технолошки развој.

Нагласи дека со потпишувањето на овој меморандум Банката и ФИТР ќе им излезат во пресрет на компаниите кои имаат потенцијал да остварат иновативни бизнис идеи, со цел развој и напредок на македонската економија, но имаат недостаток на финансиски средства.

Со цел започнување на соработката со ФИТР, НЛБ Банка ја прошири својата понуда и го воведe пакетот Иноватор кој ќе овозможи голем број на олеснувања и придобивки за новоосновани, микро, мали и средни претпријатија, финансирани, кофинансирани или со препорака од Фондот за иновации и технолошки развој. Покрај различните кредитни продукти со поволни услови, во новиот пакет, НЛБ Банка предвидува поволности и во услугите од платниот промет, како и други услуги и придобивки како поддршка за иновативните бизнис идеи.

–Со меморандумот со ФИТР ја засилуваме нашата поддршка кон креативните и иновативни старт-ап бизниси. Оваа соработката има за цел да го олесни и поедностави пристапот до финансиската поддршка за иновации и технолошки развој, како и да ја промовира и поттикне иновациската дејност кај нас. Банката ќе овозможи специјално дизајнирани кредитни продукти со низа поволности, олеснувања како и соодветна едукативна и менторска поддршка. Оваа иницијатива е дел од низата активности кои НЛБ Банка ги спроведува за поддршка на старт-ап бизнисите бидејќи силно веруваме во свежите и иновативни идеи, изјави Антонио Аргир, претседател на Управниот одбор, НЛБ банка АД Скопје.

Тој посочи дек претприемачкиот потенцијал е еден од најскапоцените човечки ресурси, поради што, како што рече, тие треба да бидат целосно поддржани.

Во наредниот период планирани се и заеднички едукативни и промотивни активности поврзани со можностите за финансирање на домашните компании од страна на Банката и ФИТР, зголемување на финансиската писменост, со цел олеснување на пристап кон финансиски средства, олеснет бизнис развој и комерцијализација на иновации.