Во Општина Штип денеска се одржа работен состанок за изготвување стратегија за локален економски развој 2018-2023 г.
Неопходноста од изработка на стратегија за локален економски развој произлегува од важноста да се идентификуваат клучните проблеми со кои се соочува Општина Штип и таа има за цел долгорочно да ги определи генералните насоки на развој на Општина Штип.
„Стратешкото планирање е анализа која треба да ги идентификува потребите на бизнис секторот, граѓанскиот и јавниот сектор и врз основа на идентификуваните проблеми и потреби заеднички да се пронајдат решенија. Целиот процес ќе помогне за подобрување на животот на сите граѓани, затоа што ќе се работи на пронаоѓање институционален начин како да се надминат сите предизвици на локално ниво. Освен тоа, со вклучувањето на сите важни чинители во заедницата, ние заеднички ќе обезбедиме можност директно да се посочат недостатоците во секојдневниот живот на граѓаните и во соработка со локалната самоуправа да се стават во документ кој ќе обврзува подобрување на животот на граѓаните, услугите кон нив, но и бизнис климата на локално ниво“, изјави раководителката на секторите ЛЕР, образование и јавни дејности, Билјана Казанџиска.
Стратешкото планирање треба да придонесе за остварување на визијата на Општината преку остварување стратешки цели, кои претставуваат мерки за решавање на најгорливите проблеми со кои се соочува Општина Штип.
Со цел поквалитетно изготвување на стратешкиот план на Општина Штип, вклучени се сите заинтересирани структури на општината, организирани во координативно тело.
Во изготвувањето на Стратегијата за локален економски развој на Општина Штип за пердиодот 2018-2023 г. ќе учествува Фондацијата за развој на локалната заедница од Штип.