Десет години откако JPMorgan ја купи банкротираната инвестициска банка Bear Stearns, еден од првите предвестници на финансиската криза, инвеститорите се значително попозитивно настроени за американските банки, иако овој сектор можеби веќе ги реализирал своите најголеми добивки, соопштува Ројтерс.
JPMorgan првично ја објави својата понуда од 2 долари по акција за Bear Stearns на 16 март 2008 година, кога банката од Wall Street беше на работ на колапс. На крајот, во мај истата година акционерите на инвестициската банка ја одобрија продажбата на групата по цена од 10 долари по акција, или 2,2 милијарди долари, на конкурентот JP Morgan. 84-години старата институција стана една од најголемите жртви на кризата во САД.
Десет години подоцна, американските банки се во многу подобра форма, главно поради регулативите по кризата што ги направија потранспарентни и преземаат помалку ризици. Банкарскиот индекс S & P 500 порасна во шест од изминатите 10 години, вклучувајќи 20% за секоја од изминатите две години.
Но сега некои аналитичари и инвеститори се прашуваат уште колку може да расте секторот, бидејќи се забележува зголемување на кредитите и забрзување на темпото на раст на каматните стапки од страна на Федералните резерви.
Банкарските кредити и лизинг договорите пораснаа за 3,2% во 2017 година, при 6,5% во 2016 година, а стапката на раст падна на 2,7% до февруари, според податоците на Федералните резерви
Чарлс Пибоди, аналитичар во Compass Point Research & Trading, очекува растот на кредитирањето да продолжи и во 2018 година, но тој е помалку убеден во трендовите во трошоците за кредитирање.
„Не гледаме никаква кредитна криза“, смета Пибоди, но прогнозира дека загубите „ќе се зголемат во следните неколку години, за потоа да се вратат кон понормално ниво“.
Бидејќи потрошувачката на потрошувачки кредити минатата година почна да расте, иако постепено, Compass Point очекува овој тренд да продолжи за корпоративните кредити во 2018 година.
„Луѓето се премногу оптимисти за приходите, бидејќи тие не ги земаа предвид повисоките трошоци за кредитирање“, вели тој. „Очекувам одредбите на големите банки да се удвојат од сегашните нивоа до одреден степен во 2019 година“.
Аналитичарите од Wall Street очекуваат банките од индексите на S & P500 да запишат раст од 26% на котите за 2018 година во споредба со 12,3% во 2017 година, според податоците на Thomson Reuters.
„Лесните добивки се зад нас“, смета Рик Меклер, претседател на инвестициската компанија LibertyView Capital Management во Њу Џерси. Според него, во моментов банките се во добра состојба, но во еден момент ќе настапи промена. И тој предупредува дека инвеститорите треба да сфатат дека постои ниво на опасност што треба да го следат.