Анализа: Што има во касата на ЈСП, колку пари треба за нормален превоз?
Градскиот превоз од денеска станува уште поголема мака за скопјани, но и за сите оние кои имаат потреба да дојдат во метрополата. Учениците тргнаа во училиште, годишните одмори привршија, а прашањето за јавниот сообраќај остана на ниво на партиски препукувања и нефункционално градско собрание.
Порталот Пари ја анализира финансиската состојба на Јавното сообраќајно претпријатие Скопје. Според податоците од Бизнис Мрежа, ЈСП минатата година ја завршило во плус. Остварената нето-добивка била 462.000 евра. Но, ако се вратиме 5 години наназад, во 2022 и во 2021 година остварени биле значајни загуби, додека во 2020 година имала добивка. Така, кумулативната загуба на компанијата во овој 5-годишен период била околу 9,8 милиони евра, наспроти кумулативната загуба од околу 2,3 милиони евра, што значи финансиската дупка што за половина деценија ја направило јавното претпријатие е околу 7,5 милиони евра!
Финансиско работење на ЈСП во последните 5 години
КАКО ПОЧНА ГОДИНАВА?
На официјалната страница на ЈСП, пак, може да се прочита последниот квартален извештај, а тој се однесува за првите три месеци од 2024 година. Во овој период ЈСП направило приход од 9 милиони евра, а расходите биле 8,8 милиони евра, со што за овие три месеци јавното претпријатие остварило позитивен резултат од околу 200.000 евра. Податоците покажуват дека годинава ЈСП има и поголеми приходи (за 8,5%) и поголеми расходи (за 24%) во однос на ланското прво тримесечје, со што и добивката му е помала за 82,2% во однос на истиот период во 2023 година кога е остварен плус од 1,2 милиони евра, но кој до крајот на годината се стопил во нето-добивка од 422.000 евра.
Но, ако се погледне подлабоко приходната страна може да се види дека годинава во првиот квартал не се префрлени субвенциите за бесплатен линиски превоз кој лани биле 1,3 милиони евра.
Финансиски податоци за прв квартал 2024 и споредба со 2023
КОЛКУ ПАРИ НЕДОСТИГААТ ЗА ДА СЕ ПРЕМОСТИ КАТАСТРОФАТА?
Тешката состојба во која западна ЈСП бара повеќе пари за граѓаните да може да се превезат барем малку пристојно.
Минатата недела Јавното сообраќајно претпријатие Струмица ги презентираше новонабавените електрични автобуси. Заедно со данокот на додадена вредност, но и со каматите за лизингот на кои се земени, еден автобус ги чини 700.000 евра, со тоа што јавното претпријатие потоа има право на поврат на ДДВ. Ако тргнеме од овие параметри за набавка на 40 автобуси, и тоа за задоволување на летниот возен ред на скопјани, би требало да се уплатат 28 милиони евра.
Од денеска би требало да сообраќа зимскиот возен ред, но директорот на ЈСП, Драги Кушовски, пред само две недели рече дека за летниот возен ред недостигаат 40 автобуси, а за зимскиот без да прецизира кажа дека тоа се многу повеќе.
– ЈСП располага со околу 190 автобуси, а за да биде пополнет летниот возен ред потребни се 235 автобуси – рече Кушовски.
Во меѓувреме, и приватните превозници најавија дека нема да возат, односно дека ќе возат само еднаш дневно, затоа што не им се префрлени пари за подолг период, а бараат и поголем надомест, затоа што работат по цени од 2017 година. Тие, пак, имаат 150 автобуси.
На 22 август беше одржана средба на градоначалничката на градот Скопје, Данела Арсовска, и претставници на советничките групи во Советот на градот , по што беше договорено советниците да поддржат пренамена на средства за репарирање на 30 автобуси на ЈСП.