Црногорска комерцијална банка ЦКБ и Подгоричка банка го завршија процесот на спојување во финансиска институција и во иднина ќе работат под името Црногорска комерцијална банка АД Подгорица, членка на групата ОТП, беше соопштено од ЦКБ.

Банката тврди дека клиентите ќе ги почувствуваат придобивките од интеграцијата, како што се поголем број експозитури, 35 експозитури низ Црна Гора и 115 банкомати.

„После година и пол организациски, развојни и деловни активности, со задоволство објавувам дека двете банки се успешно интегрирани. ЦКБ ја продолжува својата деловна активност како високо ликвидна, стабилна и сигурна банка која ужива доверба кај сите свои клиенти. Дополнително зајакната со спојувањето на Подгоричка банка и усвојувањето на нејзините вредности и синергии со најдобрата понуда и тимови, ЦКБ останува најефикасна банка во земјата со стабилен потенцијал за раст, одржлива профитабилност, силен капитал и ликвидност, како и широк спектар на услуги прилагодени на граѓаните и  компаниите. Нашата мисија останува иста, да бидеме двигател на понатамошен развој во земјата, да придонесеме за воведување на највисоки европски деловни стандарди, како и да им помогнеме на нашите клиенти да ги постигнат своите цели, изјави извршниот директор на ЦКБ, Пал Ковач.

Претседателот на Управниот одбор на ЦКБ Миклос Немет истакна дека со спојување на ЦКБ и Подгоричка банка, интегрираната банка дополнително ја подобри водечката позиција на пазарот во однос на депозитите и портфолиото на заеми.

„Клиентите ќе имаат пристап до најголемата мрежа на експозитури и банкомати, како и широк спектар на современи банкарски услуги. Иновативни канали за електронско плаќање, широк спектар на картички, производи за штедење и инвестиции, брзина и ефикасност ја карактеризираат новата банка. Со експертиза и искуство на најуспешната универзална банкарска група во Централна и Источна Европа, Групацијата ОТП, клиентите ќе доживеат врвно банкарство во модерната ера “, рече Немет.

Со интегрираната банка, меѓу другите, ќе управува извршниот директор Пал Ковач.

Проектот за спојување трае од јули минатата година, кога ЦКБ, член на унгарскиот ОТП, купи 90,56 проценти од акциите на Сосиете Женерал. После тоа, Сосиете го смени своето име во Подгоричка банка.