Под комфорно живеење се подразбира половина од доходот да се користи за храна, домување и други потреби, 30 отсто за „дискрециони“ права, а 20 отсто за инвестирање
Сојузот на синдикати пресмета дека за едно четиричлено семејство за минимум услови за нормално живеење, потребни се околу 1.000 евра, и тоа под услов семејството да си има сопствен стан. Оваа кошница е од скромна – поскромна. Во делот за транспортот, според методологијата, во синдикалната кошница влегува само мал автомобил од 1.000 кубици, како и месечен билет за автобуски превоз на повозрасното дете.
Четиричленото семејство може да си дозволи само двапати месечно консумирање храна од сендвичарница и да си дозволат еднаш годишно во јуни да одат на одмор во бунгалов во Дојран, во траење од 7 дена. Ако, пак, се пресметува и изнајмување стан, синдикалната кошница изнесува 75.466 денари.
Но, колку пари требаат за еден реално нормален живот, над минимумот, пристоен, во согласност со сите придобивки од техниката, технологијата, науката…? Ако се водиме од истражувањето на реномираниот американски сајт за визуализација на податоци „Воронои“, кај нас за четиричленото семејство требаат најмалку 2.000 евра за да ѕирнеме во зоната на комфорно живеење.
„Воронои“ направи анализа за тоа колку пари треба за „комфорно живеење“ на едно четиричлено семејство во кое има двајца вработени и две деца во Америка. Под „конфорно живеење“, според наведената дефиниција, се подразбира обезбеден доход, од кој 50 отсто од парите одат за домување и заеднички трошоци, 30 отсто за таканаречено „дискреционо трошење“ и 20 проценти за инвестиции. Притоа, под дискрециони трошоци се подразбираат трошоци што не се неопходни.
„Додека недискреционите трошоци се сметаат за задолжителни – домување, даноци, долг и намирници – дискреционите трошоци се сите трошоци направени над и надвор од она што се смета за неопходно. Дискреционите трошоци ретко имаат врска со секојдневното работење на бизнисот или домаќинството и, наместо тоа, имаат врска со начинот на живот и изборот“, е дефиницијата за недискреционите трошоци.
Ако „синдикалната кошница“ во мај тежела 60.090 денари, и ако таа е неопходната и е половина од доходот за пристојно живеење, тогаш месечно за комфорен живот требаат 120.180 денари, или речиси 2.000 евра месечно, односно околу 24.000 евра годишно.
Сепак, и ова е далеку од американските норми, затоа што неопходниот трошок што го сочинува половината од доходот, американските пресметки не го поистоветуваат со синдикална кошница, но ние друг податок за неопходни, а не минимални трошоци, немаме.
Пресметките на „Воронои“ за Америка се дека Масачусетс е најскапата држава за удобно живеење. На семејство со двајца вработени родители и две деца му треба вкупен семеен приход од околу 301.184 долари. Мисисипи е најевтината држава, за која се потребни 177.798 долари.
Македонија со најмал раст во регионот
Македонскиот стандард е далеку и од земјите од ЕУ и тоа е честа забелешка од меѓународните монетарци. И во пролетниот извештај на Светска банка стана збор за неопходноста од приближувањето на нашиот до европскиот приход. Минатата година Македонија заврши со најмал економски раст, а такви се прогнозите на Светска банка и за оваа година, во споредба со другите земји од Западен Балкан.
Оваа година за Македонија се очекува економски раст од 2,5 проценти, слично како и во Босна и Херцеговина каде што се проектира раст од 2,6 проценти, потоа е Албанија со очекувања за 3,3, па Црна Гора за која се смета дека ќе има раст од 3,4, Србија 3,5 и Косово 3,7 проценти. Лани исто така најмал беше растот во Македонија, само 1 процент, а највисок во Црна Гора 6 проценти.
На Самитот на Македонија 2025, фокусот беше ставен на тоа како наредните години да имаме годишен економски раст од најмалку 5 проценти за да може земјата да фати приклучок кон регионот и пошироко.
– Потребна е интензивна и темелна акција во наредниот период. Напредокот е бавен и недоволен за да ги постигнеме нашите цели и неопходни се силни и решителни активности – порача на отворањето на 13. Самит на Македонија 2025, Никица Мојсоска-Блажевски, извршен директор на Македонија 2025.
На поединец во Минхен му требаат 2.000 до 3.000 евра, во Париз – 3.000 до 3.500
На платформата Медиум.ком може да се најде анализа за тоа какви приходи за поединец биле потребни за да се живее комфорно во Европа минатата година.
„Германија е позната по својата робусна економија, ефикасна инфраструктура и висок квалитет на живот. Во градовите како Берлин или Минхен, поединците што сакаат да одржуваат удобен начин на живот, треба да очекуваат буџет од околу 2.000 до 3.000 евра месечно. Овој буџет опфаќа низа основни работи, вклучувајќи кирија, храна, превоз и активности за одмор“, пишува во анализата. Таму е наведено и дека во Франција за да водите удобен начин на живот во „Градот на Светлината“, треба да имате околу 2.500 до 3.500 евра месечно.
Шпанија е позната по сончевата клима, прекрасните пејзажи и релативно прифатливите трошоци за живот. Во градовите како Валенсија или Севиља, месечен приход од 1.500 до 2.500 евра може да обезбеди удобен живот. Швајцарија е синоним за висок животен стандард, но има и значителна цена. Во градовите како Цирих или Женева, удобен живот бара месечен приход што се движи од 5.000 до 7.000 швајцарски франци. Грција, позната по своите прекрасни пејзажи, медитеранска клима и вкусна кујна, нуди поприфатливи трошоци за живот. Во Атина, месечен приход од 1.200 до 2.000 евра може да обезбеди удобен живот.