Според проценката на аналитичарите на Bank of America, колапсот на производството на нафта во Венецуела и потенцијално нарушување на извозот од Иран може да ја турне цената на суровата нафта сорта „Брент“ до 100 долари за барел во 2019 година, соопштува CNN Money.

Аналитичарите велат дека целната цена за „Брент“ е 90 долари за вториот квартал на следната година. Тие сепак предупредија дека постои ризик влошените услови во Иран да ги зголемат цените до 100 долари, ниво кое за последен беше достигнато во 2014 година.

Одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да ги повлече САД од договорот за нуклеарната програма на Иран веќе ги зголеми цените на нафтата сорта „Брент“ над 77 долари за барел. Тие се зголемија за повеќе од 8% минатиот месец и за над 15% од почетокот на годината.

 

Инвеститорите се загрижени дека обновените санкции против Иран, голем производител на нафта, би можеле да доведат до пореметувања во снабдувањето. Во вторникот, Трамп вети дека ќе воведе „силни“ санкции за земјата од ОПЕК, која е на четврто место во светот по резерви на сурова нафта.

Откако санкциите беа ублажени во рамките на нуклеарниот договор, Иран ја зголеми екстракцијата на околу 3,8 милиони барели дневно. Ова е околу 1 милион барели дневно повеќе отколку во почетокот на 2016 година.

Друг фактор за намалување на понудата е договорот помеѓу ОПЕК и другите големи производители, вклучувајќи ја и Русија, за да се намали производството. Тој треба да истече на крајот од 2018 година, но аналитичарите на Bank of America велат дека ОПЕК и Русија најверојатно ќе продолжат да работат заедно за да се спречи паѓање на цените.

Во исто време, според аналитичарите, светската економија расте со стабилно темпо и ја поддржува повисоката побарувачка на нафта. Зголемената побарувачка помага да се надмине презаситувањето, кое ги следеше пазарите.