Без разлика дали се работи за келнерска работа на крајбрежјата на Јадранското Море или за работа во градежништвото, со години наназад летните месеци се време кога понудата на работни места во непосредното или поширокото соседство е најголема, а судејќи според пишувањата на медиумите од регионот, како и претходните години, и годинава околните земји се борат со недостаток на работна сила. Само во Хрватска е објавено дека за претстојната сезона ќе им бидат потребни околу 35.000 работници.
Овој недостиг може да биде одлична можност за домашните работници, кои со години одат во Хрватска и Црна Гора во лето, а со враќањето од летната „тезга“ финансиски значително подобро ќе стојат оти заработката годинава воопшто нема да биде мала судејќи според огласите за работа.
Така на пример, угостителските работници се најдобро платени со месечен приход од 600 евра (колку што се плаќаат собарките во хотел) до неколку илјади евра за готвачите кои последниве години станаа вистински пример за дефицитарна професија.
Веќе на почетокот на оваа година многу работодавачи ја зголемија побарувачката на работници, за да влезат што поподготвени во новата летна сезона. Во суштина, проблемот е што многу домашни работници во земјите од регионот во летните месеци се одлучуваат да работат во странство, а не во нивните земји, а на пазарот на трудот во регионот се појавува недостиг што го пополнуваат работници од посиромашните земји меѓу кои и Македонија.
Од 150.000 работници кои ѝ се потребни на Хрватска за претстојната летна сезона, меѓу 30.000 и 35.000 моментално се водат за дефицитарни, соопштува Хрватската служба за вработување.
Иако Хрватска законски го регулираше ангажманот на сезонски работници, сепак многу сезонски работници од пазарот на трудот одлучуваат да заминат во странство.
А платите не се мали. На пример, платата за готвач во Хрватска се движи од 2.000 до 2.500 евра, за келнер околу 1.000 евра плус бакшиш, а другите помошни работници можат да очекуваат плати од 500 до 1.000 евра. Освен тоа, ако ги погледнете огласите на Интернет, освен овие плати речиси сите работодавачи нудат и сместување, а многу голем број од нив обезбедуваат и оброци на своите вработени.
Проблемот со недостигот на работна сила не е новост во Црна Гора која со години мака мачи да ја покрие туристичката сезона со работна сила. Огласите за работа во Црна Гора почнаа да се објавуваат на интернет уште пред два месеца оти и Црногорците како и Хрватите заминуваат на сезонска работа на запад и зад себе оставаат празни работни места.
И во Црна Гора годинава, исто како и лани, сезонските работници може да очекуваат високи плати. Огласите на интернет нудат плати на шанкерите од 800 до 900 евра, келнерите малку пониски плати од околу 700 евра, колку што работодавците се подготвени да платат и за помошник готвач. На готвачите им се нудат плати од 1200 евра па нагоре. Се разбира, во „полуксузните“ одморалишта цените на работната сила се значително повисоки. Но, црногорските работодавачи се позаинтересирани за работна сила од далечните пазари на трудот, како што се Кина, Филипини, Мексико итн.
Друга атрактивна дестинација за сезонска работа е Италија. Италијанците не одат да работат во трети земји, но не сакаат да работат во угостителската дејност оти сметаат дека таа работа е претешка и премалку платена за нив.
Според италијанскиот министер за туризам Масимо Гараваља, само во туристичкиот сектор годинава недостасуваат 250.000 работници, па затоа е се потешко да се најдат келнери, готвачи, рецепционери и друг персонал. На оваа земја и недостигаат овоштари, физички работници, портири, столари, чистачи, градежни работници, занаетчии итн.
На Србија, пак, годинава ѝ недостасуваат сезонски работници за берба на малини. Со оглед на тоа што малините годинава постигнаа откупна цена од околу 4.5-5 евра по килограм и добрите работници се добро платени. Месечно, зависно од учинокот, може да се заработат од 1000 евра па нагоре. Сопствениците на плантажи бараат работници преку огласи на интернет веќе цел месец.