Директорот за статистика на ММФ, Алберт Крусе, искажа задоволство од натамошниот напредок на Народната банка во областа на статистиката, со позитивна оцена за квалитетот, обемот и навременоста на објавените податоци, коишто се во согласност со највисоките меѓународни стандарди. Притоа, беше нагласено дека Народната банка прибира, изготвува и објавува податоци според највисокиот статистички стандард СДДС плус на ММФ, транспарентно и навремено, во согласност со Календарот за објавување податоци. Ова беше истакнато на средбата која ја имаше со гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и вицегувернерите Фадил Бајрами и Ана Митреска, одржана на маргините на Пролетните средби на Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд. На средбата се разговараше за напредокот и за идните планови на Народната банка во областа на статистиката.

Делегацијата на Народната банка ги посочи напорите за унапредување на комуникацијата со јавноста, преку визуелно појасно прикажување на податоците, медиумска активност и интеракција на социјалните мрежи. Гувернерката истакна дека Народната банка постојано работи на развивањето нови сетови статистички податоци и на нивната достапност за пошироката јавност. Така, од октомври 2024 година, сетот на податоци за финансиските сметки е збогатен со квартални и со годишни консолидирани состојби, а до крајот на 2025 година би требало да бидат објавени и податоци за финансиските текови по сектори.

На средбата се зборуваше и за подобрувањата во екстерните статистики, коишто овозможија скратување на роковите за изработка и за доставување на месечните податоци за билансот на плаќања и кварталните податоци за меѓународната инвестициска позиција до Евростат, во согласност со стандардите и барањата на ЕУ. Во областа на монетарната статистика е започната и доброволна размена на податоци за каматните стапки со Европската централна банка.

Делегацијата на Народната банка посочи дека со цел да се зајакне поддршката на известувачите и да се намали товарот за известување за статистички податоци, се продолжи со активностите за поголема дигитализација на процесот на известување. Во оваа смисла, се работи и на поедноставено известување на банките за статистички цели за платежните трансакции со странство и на усогласување со стандардите на СЕПА. Исто така, постепено се заокружуваат активностите поврзани со долгорочниот проект за воспоставување систем за детално известување за потребите на статистиката и супервизијата ИСИДОРА.

На средбата беше истакнато дека Народната банка активно соработува со ММФ на нови иницијативи во областа на статистиката и следењето на методолошките препораки заради постигнување подобар квалитет на податоците. Со цел да се направат методолошки подобрувања на податоците за дознаките и за останатите компоненти од платниот биланс, врз основа на препораките од ММФ, е изготвен предлог-модел за процена којшто е доставен до Фондот.

Од ММФ посочија дека со помош на овие постигнувања, Народната банка се издвојува како институција којашто активно се приспособува кон светските стандарди, обезбедувајќи квалитетни и навремени статистички податоци како основа за економскиот развој и стабилност.

Делегацијата на Народната банка оствари средби и со претставници од Одделот за монетарни и финансиски прашања (МЦМ) и од Правниот оддел на Меѓународниот монетарен фонд, на кои се разговараше за сегашните активности и потенцијалната понатамошна соработка во доменот на зајакнувањето на монетарната рамка, вклучително и алатките за анализа на монетарната политика и нормативната поставеност. Беше разгледана и можноста за техничка поддршка за усогласување со меѓународните добри практики и со стандардите на Фондот.