Србија има повеќе од 37 тони златни резерви и овие резерви се повлечени во земјата.

– Имаме полн трезор со злато и имаме намера да продолжиме да го купуваме, изјави неодамна гувернерката на Народната банка на Србија (НБС), Јоргованка Табаковиќ.

Таа вели дека пред неколку месеци, по состанокот со претставниците на ММФ, кога ја напуштил салата, српскиот претседател Александар Вучиќ прашал дали златните резерви на Србија се „надвор“ бидејќи сметал дека златото треба да биде во Србија.

-Реков дека е во странство, во Берн, Швајцарија и дека од „тогаш“ во Лондон остана само еден тон. Вучиќ ми кажа дека мисли дека треба да биде овде во Србија, со забелешка – не знаеш што се случува во светот?, изјави Табаковиќ.

Таа вели дека веднаш, во рок од два месеци, организирала префрлање на сите златни резерви во Србија.

– Златото на државата Србија е во трезорите на НБС, над 37 тони, нагласи таа.

Резервите на злато се зголемени речиси два и пол пати само од 2012 година.

Србија е лидер во регионот

Со ваквата практика Србија спаѓа во групата земји кои од една страна ги зголемуваат резервите на злато со купување, а од друга ги повлекуваат резервите што се чуваат во странство во своите национални трезори. Само минатата година светските централни банки ги зголемија златните резерви за вкупно 275 тони.

Податоците од Светскиот совет за злато (World Gold Council), најточната база на податоци за резервите по земји, покажуваат дека Србија е лидер во регионот. Второто место на Балканот го зазема Македонија, која на крајот на вториот квартал годинава имаше 6,89 тони златни резерви.

Следува Словенија со 3,17 тони и Босна и Херцеговина со 2,99 тони, па Црна Гора со 1,09 тони. На последното место е Хрватска која во 2001 година ги продаде сите златни резерви.