Сојузот на синдикати има информација дека околу 10 илјади работници добиваат плата која што е под минималната сума утврдена со закон. Синдикалците јавно ја прозваа УЈП и останатите државни институции да ја спречат оваа пракса на одреден број на несовесни газди кои ја злоупотребуваат маката на нивните вработени. Од УЈП за Денар велат дека во најбрз можен рок во координација со Државниот инспекторат за труд ќе постапат соодветно и ќе се пронајдат непочитувачите на законските решенија.

Синдикалците ги повикаа Управата за јавни приходи, Државниот пазарен инспекторат и останати држвни институции сериозно да се посветат на решавање на проблемот на околу 10 илјади работници кои добиваат плата од своите работодавачи пониска од законски утврдената сума од 22 500 денари.

„Околку 10 илјади работници примаат плата под минималната плата. За тоа апелираме што поскоро надлежните државни институции посериозно да се позанимаваат со оваа проблематика. Не станува за збор за хонорар или средства добиени по основ на авторски договор, туку вработени во компанијата. Тоа е незаконски и е кривично дело“, велат од Сојузот на синдикати на Македонија.

Информациите кои Денар ги доби од Управата за јавни приходи велат дека при изготвување на пресметката за интегрирана наплата, работодавецот има обврска да го усогласи начинот на пресметување на придонесите и данокот на личен доход согласно со закон. Од УЈП додаваат дека Прифаќањето на точните податоци, според член 14 од Правилникот, се врши со доделување на Фолио број при што се издава Декларација за прием со прифаќање на податоците и збирен налог за плаќање на плата на товар на сметката на еден налогодавач, а во полза на повеќе примачи – Образец ПП53. Од УЈП напоменуваат дека социјалните придонеси и персоналниот данок од плата претставуваат задолжителни давачки од плата кои работодавецот има обврска да ги пресмета и уплати при исплатата на нето платата. Согласно Законот за придонесите од задолжително социјално осигурување, УЈП ја утврдува и контролира наплатата на придонесите, кои доколку не се исплатат во законски предвидениот рок, односно до 15-ти во месецот за претходниот месец се доставува опомена за плаќање на долгот.

„Согласно чл. 260 од ЗРО е регулирано дека организацијата надлежна за работите на јавни приходи е должна да го известува надлежниот инспектор на труд за работодавците кои не извршиле пресметка и исплата на плати, односно најниска плата за претходниот месец. УЈП редовно доставува до ДИТ листи на работодавци за кои УЈП доставила опомени за неплатени МПИН пресметки за претходниот месец во законски предвидениот рок до 15-ти во месецот и за неплатени МПИН пресметки за претходни периоди кои се задоцнето поднесени, како и решенија за службено утврдување на долг заради неподнесена МПИН пресметка во износ врз основа на последната поднесена МПИН пресметка и опомени за неплатен долг по службено утврдување заради неподнесена МПИН пресметка“, велат од УЈП.

Од управата дополнуваат дека веднаш по истекот на законскиот рок за плаќање и целосна обработка на податоците за сите МПИН пресметки и уплати, УЈП доставува опомена до оние должници кои не ја платиле МПИН пресметката. Согласно законските одредби, опомената се смета за уредно доставена петтиот ден после денот на испраќање со електронска достава на е-пошта адреса, а рокот за плаќање од страна на должникот е една седмица после денот на уредна достава на опомената. Сепак Од Управата се оградуваат од ваквите пропусти и велат дека со Законот за минимална плата во членот 5-е регулирано е дека надзорот над примената на овој закон го врши Државниот инспекторат за труд, но дека со заеднички напори ќе го решат овој проблем.

Податоците на ССМ велат дека околу 26 илјади работници во моментов земаат минимална плата која изнесува 22 500 денари. А во јавниот сектор од 130 илјади вработени, минималец добиваат околу 5% од вработените. Пресметките на надлежните се дека од март минималецот ќе изнесува 24 400 денари.