Сојузот на синдикати на Македонија со предлог до Владата за зголемување на минималната плата.

Со предлогот се бара донесување на одлука од страна на социјалните партнери утврдениот износ на минимална плата да се зголеми за 6.000 денари во нето износ, рабоптодавачите да бидат ослободени од плаќање на придонесите а владата да субвенционира.

Од ССМ бараат и дополнителното зголемување на нето платата од 6.000 денари да биде задолжително и за работодавачите и во приватниот сектор. Посочија дека доколку не се исполнат барањата не е исклучена опцијата за штрајк.

Од Левица го поддржуваат предлогот на Сојузот на синдикатите на Македонија, посочуваат дека доколку Владата одбие да го прифати овој предлог, Левица ќе поднесе соодветна законска иницијатива во Собранието.

„Во услови на изобилие за власта која се спрема за локални избори со непродуктивно трошење милијарди во тендерски зделки и партиски вработувања, работниците едвај врзуваат крај со крај, принудени да работат за плати што не покриваат ниту основни животни трошоци. Левица се залага за достоинствени работнички права и нема да дозволи Владата повторно да ги игнорира барањата на работниците. Го повикуваме Мицкоски и коалициските партнери ВРЕДИ-ЗНАМ веднаш да го прифатат предлогот на ССМ, без одлагање и манипулативни изговори, стои во партиското соопштение.“ – велат од Левица.

Пратеничката група на СДСМ предлага законско решение кое ќе им помогне и на работниците и на компаниите, а ќе обезбеди и дополнителни приходи во буџетот.

Со овој предлог, велат од СДСМ,  работодавачите во приватниот сектор ќе можат да ги зголемат платите на своите вработени за износ од 3.000 до 15.000 денари, без да мора да плаќаат придонеси за тој зголемен дел.

Од Влада велат дека предлогот на Сојузот на синдикати на македонија штом биде пристигнат во Владата како таков ќе биде разгледан и потоа ќе се произнесат.

На последниот Економско социјален совет Владата им кажала на работодавачите и синдикалците дека нема да субвенционираат повисоки плати но дека ќе го поддржат договорот помеѓу работниците и работодавачите.