На денешната седница на Економско-социјалниот совет (ЕСС), претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, изрази оптимизам за зголемување на минималната плата на 450 евра, истакнувајќи дека растот на платите е неопходен поради нискиот животен стандард и трендот на иселување.

„Аргументите за нискиот стандард и зголемените плати во регионот ни даваат надеж дека ќе најдеме решение во наредните денови,“ рече Трендафилов. Тој додаде дека охрабрува ветувањето за следни средби и зголемени средства за плати во Буџетот за 2025 година.

Трендафилов повика работодавачите да го легализираат плаќањето „на рака“, кое според него е честа пракса, и истакна дека ваквото зголемување нема да претставува финансиски товар, бидејќи ќе се усклади со растот на јавните плати.

Од друга страна, претседателката на Организацијата на работодавачи, Владанка Трајкоска, предупреди дека минималната плата не може да се зголеми без анализа.

„Постојат законски параметри кои мора да се почитуваат,“ нагласи Трајкоска, додавајќи дека на седницата се разгледувал Буџетот за 2025 година, како и прашањето за платите во јавната администрација.

Според ССМ, доколку минималната плата се зголеми, околу 30.000 работници би излегле од категоријата на најниски примања, додека работодавачите остануваат резервирани кон „паушални“ промени.

За зголемувањето на минималната плата зборуваше и премиерот Христијан Мицкоски кој рече дека Владата „е тука да фасилитира, а не да одлучува.“

„Се што ќе договорат работодавачите и работниците, ние како Влада ќе го прифатиме“, истакна Мицкоски.

Според него, во Буџетот се предвидени средства согласно законските усогласувања, но секогаш има ребаланс и може да се направи распределба.

„Од страна на Владата не е проблем, ние ќе имаме приходи. Зголемувањето на минималната плата ќе биде на товар на работодавачите, тие ќе треба да уплатат повеќе во Буџетот. Проблемот е дали тие можат тоа да си го дозволат, дали можат да го напарават, дали можеби потоа ќе има други трикови, пола-пола, „еви ти пола на рака“,… Но, тоа е друга тема“, истакна Мицкоски.