Синдикатите без коментар, бизнисот разочаран од првите 100 дена работа на новата Влада. Стопанствениците велат дека имале големи очекувања, а не добиле буквално ништо. Нивните проблеми Владата ги заобиколила. Иако, од унгарскиот кредит 250 милиони евра се за бизнисот, од Организацијата на работодавачи велат дека освен што се знае износот немаат никакви конкретни услови за овие пари.
-Она што очекувавме беа многу високи очекувања, а не добивме речиси ништо. Очекувавме дека ќе има сенс за бизнисот и сите кризи , но она постојано се зборуваше за зголемување на плати во јавната администрација, парите за општините, што значи со еден збор ништо, изјави Владанка Трајковска, претседателка на ОРМ.
Синдикатите пак чекаат од претставниците на Владата на економско -социјалниот совет да слушнат што направиле за нив овие три месеци.
-Додека не седнеме на седница на економско социјален совет и да слушнеме што ќе направат и што направиле за нас не би коментирал. Но, она што можам да го кажам е дека утре ќе биде 101 ден од работата на новата Влада и повторно нема да биде ништо сменето, рече претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов.
Тие со месеци и пред да се случат изборите бараа во првите 100 дена работа на новата Влада веднаш да се зголеми минималната плата, која што според податоците е една од најниските во регионот.
И економистите со критика. Велат во првите 100 дена освен за заемот од Унгарија, на друго ништо не можат да се сетат.
Синдикатите одамна бараат средба со премиерот, но и да се одржи економско социјалниот совет. Од организацијата на работодавачи се надеваат дека причината за тоа што се уште не е одржат овој совет е реорганизацијата на министерството за труд и економија. Најави дека тоа ќе се случи има, но конкретни датуми и теми на кои би се разговарало нема.