Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) апелираше до пратениците што побргу и „без политичка битка“ да го изгласаат ребалансот на буџетот со што ќе се прераспределат финансии за да се обезбеди покачувањето од 10 отсто за вработените во јавниот сектор со септемвриската плата, за што Собранието денеска ја почнува расправата.
Синдикатот на УПОЗ денеска испратил во Собранието амандман на предложениот ребаланс со барање за сите корисници на буџетот платите да бидат повисоки од најмалку 30, а најмногу 78 проценти т.е. колку што им се зголемени на функционерите.
Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов на прес-конференција ги повика министрите, градоначалниците и директорите на институции да го применат Општиот Колективен Договор за јавен сектор со оглед на тоа што до Синдикатот стигнале пријави од вработени дека нивните раководители не преземаат никакви активности во врска со одредбата за зголемување на платите од дополнителните 10 проценти.
„Бараме да изготват решение за секој вработен во јавниот сектор со кој ќе го утврдат ова право и на таков начин ќе го исплатат или, пак, да склучат колективни договори на ниво на работодавачи, нешто што правиме во изминатиот период како синдикати здружени во ССМ,“ рече Трендафилов.
Претстојното покачување од 10 проценти за вработените во јавниот сектор е согласно Општиот колективен договор (ОКД) кој ССМ го потпиша со Владата во јули годинава. Со Договорот, исто така, првпат е обезбедено право на регрес за годишен одмор кое вработените во полицијата, армијата, здравството, образованието ќе го остварат со очекуваниот ребаланс.
Трендафилов соопшти дека пратениците не одговориле на иницијативата на ССМ, поднесена пред повеќе од еден месец, за намалување на нивните и платите на судиите и именуваните функционери кои беа зголемени за 78 проценти. Со иницијативата се бара измена на Законот за плати на избрани и именувани функционери односно примена на ОКД со кој и функционерите и вработените ќе имаат ист начин на пресметка на плата, почнувајќи од март 2025 година.
Од ССМ најавуваат „жешка есен“ на протести и штрајкови на синдикатите здружени во Сојузот.
Денеска вработените во Водостопанство АД во државна сопственост излегуваат на протест пред Владата затоа што два месеца немаат плата.
Претседателот на УПОЗ Трпе Дејаноски на прес-конференцијата соопшти дека на 27 септември во штрајк ќе стапат вработените во јавните обвинителства, а наредниот ден и вработените од сите судови во државата ќе протестираат пред Министерството за правда и пред Владата.
И едните и другите ќе бараат зголемување на платите во ист износ како и именуваните функционери, односно за 78 отсто, како и враќање на додатоците на плата кои им се загарантирани со закон, а не им се исплаќаат веќе половина година.
Деаноски вели дека незадоволството е огромно и во други институции на државната управа и дека „под закана од штрајк и прекин на работата“ се и вработените во државното Правобранителство, Управата за заштита на културното наследство и во Фондот за здравствено осигурување.