Синдикатот не отстапува од барањето за итно покачување на минималната, а со тоа и на останатите плати во државата. ССМ бара Владата што поскоро да го свика економско-социјалниот совет и „да не ја намалува вештачки инфлацијата, за зголемувањето на платите да биде помало“.
„Очекувам на крајот на ноември или почетокот на декември, министерот за економија да го закаже социо-економскиот совет и да видиме дали владата има политичка волја да го зголеми минималецот пред Нова година. Ако сакаме да ја зачуваме куповната моќ на работниците, платите мора да растат. Не може да ја зголемите продуктивноста за 400-450 евра плата. Март е многу далеку, да не чекаме до тогаш. Можеби барањата тогаш ќе ни бидат и над 450 евра“, вели во изјава за „Сител“ Иван Пешевски, потпреседател на ССМ.
Од ССМ бараат да се следи примерот од регионот, каде платите солидно раснат. Кај нас дел од бизнисот бара да се укине задолжително неработната недела.
„Не треба воопшто да се дискутира за тоа. Ако јас лично се прашувам, во недела ни еден мол не треба да работи, ни еден трговскиобјект во туристичките места. Евентуално да работат фабриките кои не трпат застој во производствениот процес и евентуално вработените во зоолошка“, – вели Пешевски.