Серија протести најавува Сојзуот на синдикати. Во вторник излегуваат на улица и ќе се движат од пред седиштето на ССМ до Врховниот суд. Таму ќе упатат пораки до судиите кои им ја одземаа зградата.
„Ќе ги охрабриме да ја преиначат срамната пресуда за конфискација на работничкиот дом нод работниците и доделување на државата. На државата не и треба уште една зграда, туку и требаат работници и синдикати“ – Слободан Трендафилов, Претседател на ССМ
Една недела подоцна, на 8 април, ќе протестираат од ССМ до Министерството за здравство. Првиот синдикалец Трендафилов вели дека половина вработени во јавниот сектор нема да добијат усогласување со минималната плата, па илјадници работници ќе останат без покачување на платите од скромни 2.400 денари.
„Ќе биде токму во насока на изразување на незадоволството од непотпишувањето на анексот на колективниот договор кој веќе беше завршена работа, но заради политички игри остана непотпишан и на ваков начин повеќе од 20 илјади работници во здравството остануваат без никакво усогласување на нивните плати со порастот на минималната плата“ – Слободан Трендафилов, Претседател на ССМ
Иако деновиве имаат чести средби со стопанските комори, досега ниту една политичка партија не побарала средба со синдикатите.
„Добро ќе беше да ги слушнеа барањата на работниците. Нив не ги гласаат стопанските комори, не ги гласаат работодавачите и газдите, туку ги гласаат повеќе од 750 илјади вработени во Македонија. Да не го заборават тоа. Стопанските комори, работодавачите се некаде оолу 7.000. На крајот на денот, работниците носат одлука за тоа кој ќе ја води државата во наредниот период“ – Слободан Трендафилов, Претседател на ССМ
ССМ традиционално ќе протестира и на Први мај. Очекувањата се најмалку 450 евра минимална плата во првите 100 дена на новата влада.