Потврдата на стабилниот изглед ги одразува оценките на „Стандард и Пурс” за балансирани ризици помеѓу траекторијата на јавниот долг  и поволните економски перспективи на земјата од друга страна, соопшти Министерството за финансии.

 

Стандард и Пурс” исто така ги наведува плановите за значајни реформи во правосудството, јавната администрација, јавните набавки и транспарентноста, и притоа напоменува дека на овие полиња веќе има одреден напредок, вклучително и во зголемената транспарентност на јавните финансии.

 

„Стандард и Пурс” го оценува јавниот долг на Македонија како умерен во глобален контекст, и проектира дека на среден рок долгот ќе изнесува 47% од БДП (државниот долг и долгот на Јавното претпријатие за државни патишта – ЈПДП). Притоа, оваа оценка го одразува очекуваниот буџетски дефицит, но и растечкиот долг на ЈПДП, како и подмирувањето на неплатените обврски.

 

„Стандард и Пурс” наведува дека може да дојде до подобрување на рејтингот доколку реформите кон економски раст базиран на повеќе извори резултираат со повисок раст на доходот, при повисока ефективност и отчетност на јавните институции и процесот на водење на политики. Наспроти ова, врз влошување на кредитниот рејтинг може да влијае враќањето на политичките тензии, што би имало негативен ефект врз растот и странските инвестиции, како и во случај на фискална недисциплина или вонбуџетски активности кои би ја довеле во прашање одржливоста на јавниот долг.