Иако во последно време стапката на сиромаштија е намалена, сепак таа сѐ уште е со висок процент. Според истражувањата на институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“, над 445.200 во Македонија живеат во сиромаштија, само со помалку од 7.200 денари месечно. Речиси 13 отсто живеат во лоши услови, а околу 50.000 лица во Македонија се неплатени семејни работници. Над 26 отсто од домаќинствата не можат да го затоплат сопствениот дом. А, пак, 70,6 отсто од домаќинствата не можат да си дозволат еднонеделен годишен одмор.

Според  Иван Вчков кој е економски аналитичар во „Фајненс тинк“ стапката на материјално обесправени лица или процентот на население што не може да си дозволи барем 4 од 9 потреби за 2016 година изнесува 30 отсто, што е намалување за 0,4 процентни поени од претходната година .

Како што вели тој, последните податоци покажуваат дека стапката на сиромашни лица во Република Македонија за 2016 година изнесува 21,9 отсто, а стапката на сиромаштија има тенденција на благо покачување, споредено со 2015 година, и таа стапка е зголемена за 0,4 процентни поени, а во споредба со 2014 година таа е покачена за 0,8 процентни поени.

Една од најголемите главни причини за високата стапка на сиромаштија е невработеноста. Стапката на невработеност во Македонија е сѐ уште многу висока и таа во третиот квартал во 2017 година изнесува 22,1 отсто. Имено, жените и младите лица сѐ уште се тие што ја движат стапката на невработеност и неактивност – објаснува Вчков.

Неусогласеноста со понудата и побарувачката на знаења и вештини на пазарот на труд сериозно го поткопува потенцијалот за намалување на сиромаштијата и подобрување на социоекономската клима во Македонија. Нашите истражувања укажуваат дека ниската плата, која е различна по региони во Македонија, е исто така фактор за високата стапка на сиромаштија, со оглед на тоа дека многу од домаќинствата, иако работат и остваруваат примања, сепак тие примања се толку ниски што запаѓаат во економски тешкотии и продолжуваат да зависат од социјалните трансфери за да можат да ги задоволат своите потреби – нагласува Вчков.

Според анкетата на работната сила за 2016 година од Државниот завод за статистика, во Македонија имало 133.777 неформално вработени лица или 18,5 отсто од вкупно вработените лица.
– Причината за тоа што лицата се вклучуваат во сивата економија е заради својата егзистенција или, поточно, борбата против невработеноста и борбата за подобар животен стандард. Тенденцијата е работниците да прифаќаат непријавено да работат само за да имаат примања што ќе им овозможат да се справат со економските тешкотии и ќе ги задоволат своите егзистенцијални потреби – истакнува Вчков

 

 

Универзитетискиот  професор Абдулменаф Беџети од Универзитетот на Југоисточна Европа,  вели дека единствен начин за намалувањето на сиромаштијата се економски пораст и развој.

Кај сиромаштијата не е доволно само економски пораст туку пред сѐ развој, што подразбира и поинтензивна и хоризонтална распределба на тој пораст. Порастот и развојот се постигнуваат со инвестиции, почнувајќи од образованието како основа за одржлив пораст – смета Беџети.
Како што истакна тој, високата стапка на сиромаштијата ја генерира високата стапка на невработеност и нејзината природа останува структурална и ендогена.
Сивата економија може да биде еден од факторите што статистички генерираат сиромаштија, но проблемот не е до статистичката, туку до фактичката сиромаштија. Впрочем, кај нас, барем статистички, стапката на неформалната економија е помала од Албанија, но стапката на сиромаштија е повисока затоа што во Албанија стапката на невработеност е пониска за речиси 40 отсто во однос на Македонија – посочува Беџети.
Според мислењето на Томе Неновски, професор на „Американ колеџ“, сѐ уште голем број официјално невработени лица својата егзистенција ја наоѓаат во неформалниот сектор т.н. сива економија. Тој додава дека тие добиваат соодветен надоместок за својот труд (ангажман) што никаде не се евидентира, но се рефлектира во растечкиот обем на трансакции во малопродажбата.