Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојановски, најави дека првите законски предлози на новото владеачко мнозинство ќе бидат оние за даночни олеснувања и за поволности за пензионерите.

„Економијата е многу важна тема, и за компаниите и за подобрување на животниот стандард. ВМРО-ДПМНЕ ќе започне со поднесување закони во Собранието за намалување на даноците како и за зголемување на пензиите. Ние имавме и ветување пред изборите за олеснување на условите за работа на фриленсерите и компаниите кои имаат големи заработки на годишно ниво“, рече Стојановски во телевизиско гостување.

Пратеникот вели дека за овие чекори треба да се направи и добра анализа за состојбата на буџетската одржливост.

„Прво треба да ја видиме состојбата на буџетот. Имаме информации дека лимитот на ликвидноста е постигнат односно дека буџетскиот дефицит е достигнат на половина од годината. Ние нема да бараме изговори, туку ќе се посветиме на работа. Ќе кратиме од стоки и услуги за да ги алоцираме тие средства а друга страна како што се капиталните инвестиции, подобрување на условите за бизнисот и зголемување на стандардот на населението“, вели тој.

Стојановски рече дека финансиската помош за проекти што ќе им биде доделувана на општините ќе се дели принципиелно, без разлика од која партија доаѓа градоначалникот.

„Другиот наш план е за општините без разлика од која партија е градоначалникот врз основа на проекти да добија стотина милиони евра“, вели Стојановски кој додаде дека за три години за општините ќе бидат достапни 350 милиони евра.