Според претседателот на Асоцијацијата на земјоделци, Евтим Шаклев, најтешка е состојбата со цената на млекото која се движи од 16 до 22 денара, а може да ја постигнат само големите фармери.
-Од 14.000 производители, 11.000 се со по 10 крави, па не може да се натпреваруваат со големите фармери. Затоа добро е и тие дополнително да се стимулираат за да бидат конкурентни на пазарот со млекото. Освен тоа, на одгледувачите им треба и урбанизација на шталите кои ги поседуваат, зашто голем дел од фармите се блиску до урбаните населби. Битно и е и да се ревидираат цените на лековите за добитокот за да не мора да ги бараме од соседните земји, рече Шаклев.
Одгледувачот на крави од Пелагониско, Стево Пиовковски, смета дека треба да се стави во функција правилникот за цените со млекото.
– Проблемите во сточарството отсекогаш ги имало, но добри се ваквите средби. Еве денеска треба да се стави во функција правилникот за откуп на млеко каде минималната цена за откуп би била 18, а највисоката до 25 денари. Но, во Пелагонија најголем проблем е земјиштето, зашто е потребно повеќе земјоделска површина за големи фарми. Прв пат денеска го поставувам проблемот што користиме индустриска, а не струја за домаќинствата зашто ни прави големи трошоци, рече Пивковски.
Според министерот за земјоделство Љупчо Николовски, транспарентно ќе се дефинираат барањата на одгледувачите на говеда, а според усвоените програми има и неколку новитети во овој сектор, особено зголемувањето на субвенциите.
-И оваа година останува зголемувањето на субвенцијата за одгледување говеда. Правиме промена во во развојната категорија. Субвенцијата е за одгледувачите кои имаат од 10 до 50 говеда, а досега беше од пет до 10 за да се опфатат поголем број одгледувачи, односно околу 3 500. Оваа развојна категорија опфаќа и околу 42 процента од вкупниот број говеда. Годинава за неколку пати се зголемува мерката за набавка на приплоден добиток, така што од ланските определени 14 милиони денари, годинава со програмата за рурален развој се зголемува на преку 90 милиони денари. Значи годинава за оваа мерка се на располагање 1,5 милиони евра, истакна министерот.
Дополни дека вчера се пуштени во процедура измените на Законот за пасишта со кој има нови критериуми за доделувањето на пасиштата.
-Правиме разграничување на јавниот повик до 50 и над 50 хектари, неодамна го промовиравме проектот за орто-фото снимањето на државата, па имаме точна евиденција на земјоделското земјиште. Освен тоа завршена е и дигитализацијата на 530.000 хектари пасишта. Во моментов ги дефинираме површините земјоделско земјиште кои повторно треба да бидат дадени на оглас, а од лани имаат право да кон курираат сточарите за производството на добиточна храна, нагласи Николовски.
Според министерот за земјоделство, отворена е дискусијата за можни дополнителни мерки. – Ќе дискутираме за цената на млекото, за пазарните можности. На располагање сме да ги слушнеме сите барања на производителите, да носиме дополнителни мерки во текот на годината и да ги коригираме постојните политики и да влијаеме на севкупниот раст, изјави Николовски на средбата на која присуствуваа преку 30 сточари.