Во текот на 2017 година Стопанска банка а.д. Битола првенствено се фокусираше кон креирање дополнителна вредност како за клиентите така и за Банката преку: понуда на атрактивни депозитни производи, солидна кредитна поддршка на населението и корпоративниот сектор со прифатливо ниво на ризик, одржување оптимални стапки на ликвидност и адекватност на капиталот, како и негување добри деловни односи со клиентите, деловните соработници и акционерите, притоа доследно почитувајќи ја законската и подзаконската регулатива.
Во едно динамично окружување во кое доминираа воздржана инвестициона активност, политичка неизвесност и генерално економска несигурност, Банката покажа висок степен на респонзивност на промените и успеа да оствари солиден позитивен финансиски резултат, односно добивка пред оданочување во износ од 46,38 милиони денари. Со тоа беше постигната стапка на поврат на капиталот од 3,32% и стапка на поврат на активата од 0,39%.
Паралелно со добриот перформанс во билансот на успех, раст беше остварен и кај клучните позиции на страната на средствата и изворите. Така, вкупната актива на Банката порасна за 4,66% на годишна основа, кредитите се зголемија за 10,36%, додека депозитите пораснаа за 5,30%. Силната капитална позиција останува една од главните одлики на Банката со стапка на адекватност на капиталот од 17,52%. Ваквите податоци се уште една потврда за посветеноста на Банката да делува како партнер од доверба и верен поддржувач на активностите на нашите клиенти правни лица и домаќинства, да негува добри деловни односи со соработниците, да ја зголемува вредноста на капиталот и да придонесува за раст и развој на економијата во целост. Паралелно со доброто остварување кај клучните показатели, Банката успеа да ја зајакне и позицијата во рамки на банкарскиот сектор и групата средни банки, што е одраз на добропоставени стратегиски и деловни цели, јасна визија и мисија, стручно раководство и посветеност на менаџментот и вработените кон стварување на поставените цели. Изминатата година напорно се работеше и на следење на модерните банкарски трендови и анализа на потребите на клиентите, што резултираше со воведување нови производи и услуги и унапредување на перформансот на постојните.
Во идниот период Банката ќе продолжи да го поддржува развојот на бизнис-заедницата, да одговара на потребите на домаќинствата, да го оплодува акционерскиот капитал и да придонесува кон развојот на економијата.
На крај, Банката изразува огромна благодарност до сите свои клиенти, деловни соработници, акционери, менаџментот и вработените, кои дадоа свој придонес за досегашното успешно работење на Банката.
Целиот Годишен извештај за работењето на Стопанска банка а.д. Битола за 2017 година, можете да го погледнете на следниов линк.