Стопанска банка АД – Скопје со гордост го најавува четвртото издание на општествено одговорниот проект #СонувамеМенуваме кој оваа година ќе брои 15 инклузивни концерти на омилените 5+ фамилија и децата со попреченост. Овој проект, Банката го започна со цел подигнување на јавната свест и поширока дискусија на тема инклузија на лицата со пречки во развојот посебно кај децата кои се публика која е отворена и лесно прифаќа корисни сугестии. Од 2016 година кога #СонувамеМенуваме имаше една изведба проектот постепено растеше, привлекуваше внимание и создаваше услови за развивање на емпатија, разбирање и подобрен однос на општеството кон лицата со попреченост. Затоа, четвртото издание доаѓа во проширен формат, со повеќе концерти, повеќе настапи и секако со поголема публика.
На сцената на Македонскиот народен театар, почнувајќи од 14 декември ќе се одржат вкупно 15 концерти во кои покрај актерската екипа на 5+ фамилија учество ќе земат голем број претставници на асоцијациите на лица со пречки во развојот:
– Dancers United
– Ема Ананиевска
– Александар Матовски – Цако
– Филип Величковски
– Танцовото друштво Еурека
– Трисомија 21
– Огнен
– Завод за рехабилитација „Кочо Рацин“ – Битола
– ОУ Кузман Јосифовски – Питу, Скопје
– Кристијан Лазарев и многу други наши драги пријатели.
Низ песни, игра и смеа, децата откриваат дека разликите не треба да не разделат туку напротив да не сплотат. Повелете одберете кој термин најмногу ви одговара и набавете ги вашите влезници за еден од термините преку веб страницата на МНТ или на билетарницата во самиот објект.
Термини за концертите:
Сабота 14.12.2019 од 14 и 17 часот
Недела 15.12.2019 од 11, 14 и 17 часот
Четврток 26.12.2019 од 10 и 12 часот
Петок 27.12.2019 од 10, 12 и 18 часот
Сабота 28.12.2019 од 11 и 14 часот и
Недела 29.12.2019 од 11, 14 и 17 часот
Како и претходните години, продажбата на влезниците по цена од 200мкд во целост ќе се употреби за #СонувамеМенуваме фондот за донации преку кој во изминатите години веќе се реализирани 25 проекти со кои лицата со пречки во развојот добиваат опрема, подобрени услови и можности за едукација и напредување.
Повикот за одобрување на грантови е повторно отворен и асоцијациите веќе почнаа да ги праќаат своите барања а овогодинешните добитници ќе бидат објавени на 14.12. пред премиерниот концерт „Сонуваме. Менуваме.“ Сите изведби ќе бидат проследени со превод на знаковен јазик како и претходните години.
Продукцијата ОхО и оваа година е нераздвоен дел од #СонувамеМенуваме и ги планира, организира и реализира концертите преку кои ја пренесуваме моќната порака за потреба од поголема инклузија на лицата со попреченост во секоја сфера од живеењето. Како ретко популарна едукативна содржина за деца, 5+ фамилија е дел од детството на повеќе од 12 генерации деца и веруваме дека нивната улога во пренесување на пораката за прифаќање, соживот и разбирање на сите деца е вистинската формула за успех.