Стопанска банка АД Скопје во првиот квартал од 2024 година продолжи со остварување солидни резултати и висока профитабилност.
Добивката пред оданочување и резервации во анализираниот период изнесува 1.345.050 илјади денари, што е 17 % повеќе споредено со претходната година. Задржувајќи го високо прудентниот пристап во однос на управување со квалитетот на кредитното портфолио, во истиот период Банката издвои исправка на вредност на финансиските средства и посебна резерва за вонбилансна изложеност, на нето-основа, во износ од 387.330 илјади денари. Со тоа, добивката на Банката пред оданочување на 31.03.2024 година изнесува 957.720 илјади денари и во однос на истиот период од минатата година е повисока за 23 %. Во најголем дел, ова е резултат на зголемените приходи по сите основи поради зголемувањето на обемот на деловните активности.
Нето-приходите од камати изнесуваат 1.565.359 илјади денари и се зголемени за 21% во однос на истиот период од минатата година, како резултат на кредитните активности и вложувањето на вишокот ликвидни средства во првокласни инструменти.
Нето-приходите од провизии и надоместоци изнесуваат 213.431 илјади денари и се зголемени за 3% во однос на анализираниот период во 2023 година, што се должи на зголемен обем на активности, односно зголемен обем на испорачани услуги на клиентите, од кои најмногу во делот на услугите во платниот промет и картичното работење.
Вкупната актива на Банката во анализираниот период изнесува 129.303.255 илјади денари.
Капиталот и резервите изнесуваат 26.626.451 илјади денари, што претставува зголемување за 3% во однос на крајот на 2023 година. Дополнително, Банката пренамени износ од 2.460.000 илјади денари од задржаната добивка од претходни години во добивка ограничена за распределба на акционерите во иднина, со што се зголемија сопствените средства и стапката на адекватност на капиталот, која на 31.03.2024 година изнесува 19%.
Во следниот период се очекува продолжување на деловните активности во согласност со дефинираниот деловен план на Банката со целосна ориентираност кон поддршка на клиентите, прудентно управување со ризиците и одржување на високата стабилност, сигурност и ефикасност во сите сегменти од нејзиното работење. Исто така, Банката продолжува со реализација на започнатите проекти, пред сè, во делот на дигитализацијата, како и подготовка на понуда на нови услуги. Секако, фокусот останува на редовното и ефикасно извршување на основните деловни активности, одржување на лидерското пазарно учество од околу 27% во сегментот на кредитирање на населението, со фокус за натамошно зголемување на пазарното учество во делот на кредитирање на компаниите.
Оваа година Стопанска банка прославува 80 години од основањето и следствено целиот натамошен период ќе биде исполнет со многубројни новитети и изненадувања на задоволство на нашите клиенти и соработници, но и на пошироката заедница.