Во периодот од 01.01.2019 до 30.09.2019 година Стопанска банка АД – Скопје (во натамошниот текст: СБ) оствари нето добивка пред оданочување во износ од 1.922.465 илјади денари, што претставува намалување за 25,8% споредено со нето добивката остварена во анализираниот период минатата година.
Намалениот резултат во тековниот период се должи на ефектот од решениот статус на должникот Фени Кавадарци во првиот квартал од 2018, кога СБ склучи договор за продажба на своите побарувања со што во билансите на Банката беше евидентирано ослободување на исправката на вредност и истото имаше соодветен ефект врз остварениот финансиски резултат.
Нето приходите од камати изнесуваат 2.713.974 илјади денари, односно се намалени за 4,0% во однос на истиот показател од 2018 година, при што приходите од камати забележаа намалување од 5,2%, додека расходите од камата забележаа намалување од 11,8%.
Нето приходите од провизии и надоместоци изнесуваат 846.695 илјади денари и се повисоки за 12,8% од истите во 2018 година како резултат на остварен пораст на нето провизиите и надоместоци од услугите.
Нето приходите од курсни разлики изнесуваат 63.789 илјади денари и се намалени за 19,0% во однос на претходно анализираниот период, пред се како резултат на намалувањето на маргините.
Останатите приходи од дејноста забележаа намалување од 1,7%, додека останатите расходи од дејноста забележаа зголемување за 7,8%.
Трошоците за вработени на СБ изнесуваат 636.413 илјади денари.
Во анализираниот период СБ покажа исправка на вредност на финансиските средства и посебна резерва за вонбилансната изложеност, на нето основа во износ од 593.696 илјади денари соодветно на структурата и порастот на кредитната изложеност. Загубатата поради оштетување на нефинансиски средства, на нето основа изнесува 87.066 илјади МКД.
Почнувајќи од 01.01.2019 Стопанска банка ад Скопје го прикажува пресметковно данокот на добивка во текот на годината.
Вкупната актива на СБ изнесува 96.676.437 илјади денари, која е повисока споредено со крајот на 2018 година за 4.860.903 илјади денари или 5,3%. Зголемувањето на активата е резултат на порастот на паричните средства и парични еквиваленти кои споредено со крајот на 2018 година се повисоки за 3.162.906 илјади денари односно за 16,4%, како и на зголемувањето на кредитите и побарувањата од други комитенти кои изнесуваат 64.498.982 илјади денари и се повисоки за 834.802 илјади денари или 1,3% во споредба со крајот на минатата година.
Кредитите на и побарувањата од банки изнесуваат 247.768 илјади денари и бележат зголемување во однос на крајот на 2018 година од 50.679 илјади денари.
Вложувањата во хартии од вредност изнесуваат 8.200.993 илјади денари и споредено со минатата година бележат зголемување за 2.331.050 илјади денари или 39,7%.
Превземените средства врз основа на ненаплатени побарувања изнесуваат 58.485 илјади денари.
Во истиот период позицијата вкупни депозити (депозити на комитенти и депозити на банки) која изнесува 80.853.496 илјади денари забележа пораст во однос на крајот на 2018 за 4.691.618 илјади денари или 6,2%.
Капиталот и резервите изнесуваат 14.627.899 илјади денари при што е забележано зголемување за 3,0% во однос крајот на 2018 година.
Вложувања или продажба на материјални средства(недвижности, постојки и опрема) или значителен отпис (поголем од 30% од вредноста на средството споредено со последните годишни ревидирани финансиски извештаи).
Недвижностите и опремата заклучно со 30.09.2019 година бележат намалување во однос на 2018 година за 20.967 илјади денари односно 2,4%, главно како резултат на пресметана амортизација.
Промени во кредитните задолжувања (намалувања или зголемување поголеми од 30% споредено со последните годишни ревидирани финансиски извештаи). Обврските по кредити изнесуваат 230.218 илјади денари и се помали во однос на крајот на 2018 година за 22,3% што се должи на отплатени доспеани рати по основ на кредитните линии.
Стопанска банка АД – Скопје ќе го продолжи своето работење во рамките на зацртаната проекција на деловната политика, фокусирана пред се на обезбедување на понуда на производи и услуги наменети на своите клиенти, а истовремено ќе работи на воведување на иновации следејќи ги процесите и трендовите во светот. Исто така, Банката ќе продолжи со своите општествено корисни активности преку организирање на настани и манифестации од вредност и значење за пошироката општествена заедница.
Економската активност во првата половина од годината регистрираше раст од 3,6%, што оди во прилог на проекцијата за 2019 година од 3,5%. Расположливите високофреквентни податоци за третиот квартал упатуваат на поволни движења во индустријата, трговијата и градежништвото. Остварената просечна годишна стапка на инфлација за првите девет месеци од годината изнесува 1,0%, при што растот на цените е помал од очекуваниот.
Воедно, очекувањата за движењето на странските цени, коишто влијаат врз домашните цени, се главно надолно ревидирани. Што се однесува до показателите од надворешниот сектор, расположливите податоци за билансот на плаќања за првата половина од годината покажуваат солидни остварувања, како кај тековните така и кај финансиските трансакции.
Девизните резерви во август за прв пат ја минаа границата од 3 милијарди евра. Во однос на кредитите и депозитите на банкарскиот сектор, годишната динамика на раст е во рамки на очекувањата. Општо земено, макроекономските показатели упатуваат на стабилен домашен амбиент, при што ризиците главно се поврзуваат со надворешното опкружување и покрај олабавувањето на трговскиот спор меѓу САД и Кина во последниот период.
Во првиот квартал од 2019 година нема промени во сметководствените политики и методи на вреднување.
Во третиот квартал од 2019 година Банката нема извршено исплата на дивиденда.