Меѓународните инвеститори сè повеќе им го вртат грбот на Централна, Источна и Југоисточна Европа, каде во 2024 година е забележано нагло намалување на странските директни инвестиции, се вели во новиот извештај на Виенскиот институт за меѓународни економски студии. Во извештајот за странски директни инвестиции (СДИ) реализирани или објавени во тој регион, се наведува дека бројот на најавени гринфилд инвестициски проекти во првите три квартали од годинава е намален за 44 отсто во однос на истиот период лани. Сумата која беше ветена за директни инвестиции забележа малку помал пад, но сепак падна за неверојатни 39 проценти, информира Каматица.
Бројот на најавените инвестициски проекти во земјите членки на ЕУ во тој регион и шесте од Западен Балкан, исто така, е намален за повеќе од 40 проценти во однос на претходната година, пишува порталот „Емерџин Европа“. Авторот на извештајот вели дека кризата во германската индустрија и геополитичките неизвесности „сега целосно го погодуваат регионот“ на Централна, Источна и Југоисточна Европа. Податоците покажуваат значително забавување на новите странски гринфилд инвестиции во повеќето земји од регионот – раст е забележан само во Молдавија.
Меѓу членките на ЕУ, најголемо намалување на странските директни инвестиции забележаа Бугарија, Естонија и Полска, а нивните обврски се преполовени. Ивештајот наведува дека евидентно е дека германските инвеститори се одвраќаат од Источна Европа кон САД, додека Австрија останува силно посветена на тој дел од Европа и веројатно ќе продолжи да инвестира таму повеќе отколку во САД, и покрај различните економски проблеми. Кина, и покрај падот, останува најголем инвеститор кога станува збор за ветените инвестиции низ Централна, Источна и Југоисточна Европа, пред Германија.
Додека германските инвестиции, мерени во однос на ветениот капитал, паднаа за 67 отсто, кинеските инвестиции се намалени за само 30 отсто. Сепак, уделот на кинеските странски директни инвестиции во регионот е само околу еден процент, додека странските директни инвестиции од земјите на ЕУ сочинуваат околу 70 проценти, се наведува во извештајот. До неодамна Унгарија и Србија беа најголеми приматели на кинески директни инвестиции, Романија годинава го држи првото место по број на проекти, додека Словачка треба да добие најголем износ од ветениот кинески капитал. Од анализата повеќе од јасно е дека капиталот од Германија и другите земји инвеститори полека се сели во други земји.