Доаѓаат добро информирани и со испланирана агенда, а одвојуваат еден ден за да пропешачат. Имаат на располагање три тури, од девет, 12 и 18 километри, а ја избираат најчесто првата.
Повеќето странски туристи во Охрид преферираат активен одмор, па одлучуваат да уживаат во недопрената природа на Галичица, погледот кон Охрид и Охридското Езеро. Доаѓаат добро информирани и со испланирана агенда, а одвојуваат еден ден за да пропешачат. Имаат на располагање три тури, од девет, 12 и 18 километри, а ја избираат најчесто првата.
Од тимот на „Трек ми”, организатор на овие тури, за МИА велат дека најчести учесници се странските туристи од Шведска, Норвешка, Холандија, Израел, Јапонија, Турција и Словенија, како и од наши иселеници.
На љубителите на активен одмор им нудат три маршрути. Од село Рача (вила Марта до Горно Коњско во должина од девет километри, втората е од село Велестово – Шипокно до Горно Коњско (тераса Утарна во должина од 18 километри, и третата од село Горно Коњско (тераса Утарна) до Студино (бачило, НП Галичица) во должина од 12 километри.
Напоменуваат дека работат на осмислување и тестирање нови патеки за кои сметаат дека ќе има навистина голем интерес исто како и за постојните три разработени тури.
– Постои голем интерес за турите. Со оглед на тоа дека е лето и температурите се доста високи, за овој период најприфатлива е првата тура, што практично е најкуса, со вкупна должина (во двата правци) од девет км и со времетраење од околу четири часа, а започнува од село Рача и завршува во село Горно Коњско со дегустација на домашно приготвени традиционални македонски јадења, домашно вино и ракија во добро познатата тераса „Утарна”. Имаме искуство со туристи кои веќе еднаш сме ги воделе на првата тура, па љубопитни се да ги пешачат и другите две, бидејќи, знаете, повеќето од странските гости преферираат активен одмор исполнат со активности во природа од ваков или сличен тип, истакнуваат од тимот на „Трек ми”.
Гостите, како што велат од „Трек ми”, вообичаено пред секое патување најпрво добро се информираат за дестинацијата што ја посетуваат и речиси секој ден им е однапред испланиран, што значи дека доколку испланирале трекинг-тура тие знаат точно што бараат и што да очекуваат. Имаат различни впечатоци, но секако позитивни.
– Некои од нив, појаснуваат, веќе неколку пати ги посетиле земјава и градот Охрид, но многу од нив доаѓаат првпат, па впечатоците и доживувањата се многу различни и секако позитивни. Уживаат во недопрената природа низ која поминуваме, погледот кон Охрид и Охридско Езеро од една малку поинаква перспектива, растителниот и животинскиот свет, кои се карактеристични за пределот каде што пешачиме, се воодушевуваат од вкусот на македонската традиционална храна и сл. Голем број од нив остануваат без зборови кога првпат ќе видат јастреб во живо или, пак, некое домашно животно. Особено се фасцинирани од вкусот на шумските плодови, како на пример муренки, сливи, шумски јаготки, дренки, шипка и сл., потенцираат од „Трек ми”.
Нивните пофалби и критики се индикатор дали услугата ја развиваат во вистинска насока и дали и што треба да променат за да бидат уште подобри.
– Најчесто на крајот на секоја тура заеднички ги средуваме впечатоците и им оставаме простор на учесниците слободно да сугерираат доколку имаат каков било предлог. Разговараме за тоа што им оставило најсилен впечаток, дали се задоволни од содржината, што би додале или промениле, дали им се допаднала храната што ја дегустирале и сл. Пофалби и критики се секако добредојдени, бидејќи тие се еден од индикаторите кои ни покажуваат дали нашата услуга ја развиваме во вистинска насока и што да промениме за да бидеме уште подобри, велат од „Трек ми”.
Љулјете Ферати Кочани од Норвешка, по завршување на турата, вели дека буквално уживала во секој миг.
– Доаѓам од Норвешка. Таму имаме култура на пешачење и секој слободен момент го користиме за излет во природа. Знаев дека сакам истото да го направам за време на мојот престој во Охрид и тоа се разбира со обучен и професионален тим. За „Трек ми” дознав преку социјалните медиуми. Малку истражував за нив и добив желба веднаш да се пријавам за трекинг-тура која ја водат две исклучително искусни и пријатни девојки, полни со ентузијазам и позитивна енергија. Се дружевме неколку часа во природа и буквално уживав во секој миг поминат со нив. Турата со „Трек ми” му ја препорачувам секому, без разлика на возраста, бидејќи искуството е единствено и ќе го паметите цел живот. Маја и Душица пленат со ведриот дух и знаењето кое го поседуваат. Ви благодарам, девојки, и посакувам уште многу испешачени патеки заедно, вели Љулјете Ферати Кочани.
– Во Охрид си поминавме незаборавно, а најдобриот дел од целото патување беше турата со „Трек ми”, двајца локални водaчи кои нè однесоа на прекрасните планини до едно село што му пркоси на времето. Таму го имавме еден од најдобрите оброци во животот. За сите кои одат во Охрид, Македонија, ова е патување што не смее да се пропушти, вели Сет Постел, Израел.
Ваквата туристичка услуга од областа на алтернативниот туризам се воведува првпат на македонскиот пазар воопшто, а од „Трек ми” истакнуваат дека се особено горди и среќни бидејќи се пионери во имплементирањето и развивањето на оваа иновативна услуга.
За услугата велат дека имаат варијабилни цени и ги дефинираат во зависност од бројот на пријавените учесници, дали доаѓаат првпат, каква е тежината и која е патеката што ја избрале, дали е летна или зимска тура и сл.
Според тимот на „Трек ми” цените се прифатливии и приспособени за да може да учествува буквално секој што има желба за ваков вид активност во природа. Посочуват дека имаат и мали изненадувања за оние туристи кои ќе одлучат да учествуваат на нивна трекинг-тура, но во принцип не ги откриваат.
Идејата да организираат вакви тури им дошла спонтано.
– За да почнеме професионално да се занимаваме со водење гости на т.н. трекинг-тури, рекреативно планинаревме околу три години. Тоа беа планинарски групни тури, што обично се организираа и реализираа еднаш неделно. Кој учествувал знае, кога еднаш ќе одиш на планина, тоа е љубов на прв поглед и „зависност” што трае цел живот. Едноставно, таква е моќта на планината, чувството возвишено, впечатокот секогаш различен и неописливо убав. Понесени од таа убавина, дојдовме на идеја да почнеме да работиме на осмислување и реализирање на малку поинакви тури од планинарските, кои не бараат посебна физичка подготвеност ниту какво било претходно искуство, каде што може да учествува буквално секој кој има желба. Секако, предност беше и тоа што една од нас е и дипломиран менаџер по туризам и угостителство, а и двете сме лиценцирани туристички водичи и ги зборуваме англискиот и италијанскиот јазик, велат од „Трек ми”.
Појаснуваат дека трекинг-турите во светот се одамна познати и атрактивни, кои подразбираат пешачење, разгледување, информирање и запознавање на гостите со пределите низ кои поминуваат, и тоа на мошне интересен и уникатен начин.
За крај порачуваат: „All you need to carry with you is your smile and camera” (сè што треба да понесете со вас е вашата насмевка и еден фотоапарат).