Короната го сруши македонскиот БДП. Строгите здравствени рестрикции што ги наметна пандемијата во земјата предизвикаа пад на македонската економијата.

Бруто домашниот производ за вториот квартал изнесува -12,7%, покажуваат податоците од Државниот завод за статистика. Пад има кај сите параметри освен кај јавната потрошувачка. Најмногу претрпел извозот кој е намален за дури 31,3%, додека увозот бележи пад од 29,6%.

Падот беше очекуван за економистите. Со карантинот кој почна во март и се развлече цела пролет, не работеа шопинг моловите, хотелите, рестораните и кафулињата. Голем дел од фабриките престанаа со работа, а откажани беа сите манифестации. Граѓаните исплашени од незивесноста го стегнаа паричникот. Приватната потрошувачка е намалена, а силната јавна потрошувачка спречи посилен пад на економијата.

За власта падот на економијата е очекувано сценарио, зашто македонската економија е зависна од европската, која исто така мери минусни салда.

Опозицијата пак вели дека оваа влада  има историско најголем пад на БДП.

„Имаме историски најголем пад на БДП каков што немаше ни во воениот конфликт. Оваа влада има историско најголем пад на БДП каков што немаше ни во воениот конфликт. Народот го чекаат уште потешки денови и делиме задничка грижа и затоа во среда на 9 септември во 18 часот ќе организира протест. Тоа е прв во серијата која ќе ги организираме. Ќе почне од Министерството за правда, а ќе заврши пред Регулаторна комисија за енергетика, која е маша на власта. Од неа ќе бараме да се врати цената на струја на старо“, рече денеска Мицкоски.

Иако кон крајот на годината се очекува попозитивен развој сепак економијата се смета за промашена. Сите проценки на меѓународните но и на домашните институции ја носат македонската економија во минус. Министерството за финансии очекува економијата годинава да падне на -3,4%, Народната банка на -3,5%. Најлошо сценарија предвидуваат ЕК и ММФ. Според нив економијата ќе оди во минус 3,9%, односно -4%.

Сепак националната статистика покажува дека ова не е историски најнизок пад на економијата. По распадот на Југославија, на македонската економија и требаше долги години да застане на нозе. Во 1992 година бруто домашниот производ бил -13,4%, а најголемиот пик бил следната, 1993 година со – 15,5%.