Продолжуваат активностите со окрупнувањето на земјоделското земјиште. За поголеми ниви и поголемо производство почнува подготовката на новата национална стратегија за консолидација на земјиште 2022-2030 година со финансиска помош од Европската унија и од ФАО…
Се подготвува новата Национална стратегија за консолидација на земјиште 2022-2030 година поддржана од Европската Унија и од Mеѓународната организација за храна-ФАО.
Со претходниот ваков проект е направено значително намалување на расцепканоста на парцелите и нивно спојување во 9 подрачја во државата, односно во Конче, Егри, Логоварди, Оптичари, Трн, Дабјани, Кожле, Соколарци и Спанчево.
7 од нив се веќе усвоени од страна на земјоделците. Создадени се нови поголеми парцели со површина од 3.000 хектари, а бенефит во работењето имаат повеќе од 2.500 земјоделци.
Во консолидациските подрачја е планирана изградба и рехабилитација на 54 километри пристапни патишта, поставување и поправки на 67 километри одводна и 3 километри нова мрежа за наводнување.
Минатата година во Егри е целосно завршена планираната дополнителна земјоделска инфраструктура, инвестиција вредна 500.000 евра со финансиска поддршка на Европската Унија.
Проектот вклучува 8,4 километри одводни канали и 11 километри нови пристапни патишта. Во Трн се очекува постапката за изградба да почне оваа година, а работите ќе продолжат и во другите региони.