Струмица е исклучително добар пример како локалната самоуправа може да се справи со кризата. Таа е единствена општина во која локалната самоуправа има обезбедено субвенции и за граѓаните, но и за стопанствениците за да се справат со енергетската криза, рече заменик претседателот на Владата за економски прашања, Фатмир Битиќи, на денешниот работен појадок со струмичките стопанственици, што се одржа на иницијатива на градоначалникот Костадин Костадинов.
Тој истакна дека Владата е подготвена да направи сѐ за да му помогне на стопанството, затоа што тоа е генератор на развојот, но и дека сака да ги слушне очекувањата од другата страна што би требало да се направи во следниот период.
Градоначалникот на Струмица рече дека без силен бизнис сектор, нема и силна Струмица, а резултатот од 104 отсто реализација на буџетот покажува дека тој е доволно полн за да се реализираат и капиталните расходи коишто се од суштинска важност за подобрување на секојдневието на граѓаните.
-Сакаме да воспоставиме пракса на комуникација и да обезбедиме партиципативност на бизнис секторот, кој е најголемиот полнач на општинската каса за и тој да биде вклучен во креирањето на локалната политика. Сакаме таквите настани да ги воведеме како пракса, односно еден ден во месецот да правиме по еден појадок со бизнисмените и да разговараме со предизвиците со кои тие се соочуваат, истакна Костадинов.
Тој пред стопанствениците рече дека Општината има барање до Владата за намалување на даночната стапка на природниот гас од 18 на 5 отсто и дека таа е една од мерките што може многу да им помогне на домаќинствата и стопанството кои го користат овој енергенс.