Претпријатија на познатите струмичи бизнисмени – синот Горан Крстев и таткото Симеон Крстев во еден ден, на 31 август, до Регулаторната комисија за енергетика поднеле барање за привремени лиценци за енергетска дејност производство на електрична енергија од 19 фотонапонски централи со вкупна моќност од повеќе од 20 мегавати. Барањата се поткрепени со одобренија за градење од општините.

Ова би требало да е рекордно барање, по висината на вкупната моќност, до РКЕ за употреба на фотонапонски електроцентрали за производство на електрична енергија за слободниот пазар поднесено во само еден ден, затоа што се работи за можно производство од околу 21,5 мегавати.

Горан Крстев актуелната опозиција долги години наназад го споменува како близок соработник и бизнис-партнер на семејството на лидерот на СДСМ и екс премиер Зоран Заев. Ваквите тврдења се темелат на податоците дека Крстев и неговиот татко Симеон Крстев поседуваа удели во компании, кои се доведуваат во врска со Заеви и други нивни соработници.

Во местото Дабиља во Општина Струмица под името „Хелиоцентрум“ ќе се изградат шест фотонапонски централи, од кои најголемите две со моќност од 4 мегавати, а најмалата со моќност од 1,1 мегавати. Вкупната моќност изнесува безмалку 16 мегавати.  Под „Хелиоцентрум“ ќе се градат две соларни централи во Градско Балдовци од 1,46 и 0,84 мегавати и шест кај Попова Кула во Демир Капија од по 50 киловати.

Под „Енерџи Холдинг“ во местото Градско Балдовци во Општина Струмица ќе има три фотонапонски централи од кои најголемата од 1,37 мегавати, средната од 618 киловати и најмалата од 370 киловати. На кровот на трговскиот центар „Глобал“ ќе никнат две централи од 393 и 385 киловати.

Од почетокот на 2022 година кај македонските компании владее огромен интерес за инвестирање во фотоволтаични електрани. Ако во 2020-тата се јавиле 29 компании со инсталирана моќност од 7 мегавати, додека лани имало лиценци за 48 соларни електрани со моќност од 14 мегавати, годинава Регулаторната комисија за енергетика има издадено голем број на лиценци за електрична енергија од над 60 мегавати, а до крајот на годината се очекува вкушната моќност да достигне 100 мегавати. Годинава ниедно барање не е одбиено ниту отфрлено.