Студентите бараат од новата министерка да најде подобри начини за финансирање на студентскиот оброк. Сумата е мала и во случаи на инфлација, министерството треба да има резервен план за договор со угостителските ланци.Форумот за промени во образованието предлага МОН да гради соработка со деловната и угостителската заедница за цените на храната да се прилагодат според потребите и барањата на студентите. Според Бленди Ходаи дневниот студентскиот оброј во моментов треба да биде најмалку 180 денари.
„Министерството за образование и наука ги дава парите за цела недела, и вие имате 840 денари на сметка и ако платите за храна со оваа сума, веројатно ќе преживеете до среда, потоа треба со свои пари да купвате. Еве каде треба да се фокусира МОН, не мора да се зголемува цената без да се направи некаква соработка со рестораните кои би давале студентската услуга од септември… “, рече Бленди Ходаи, Форум за промени во образованието.
Новата министерка за образование и наука, Весна Јаневска, вели дека се прават анализи, и со оглед на тоа дека ребалснот е веќе скроен, во оваа фаза нема доволно време да се дојде до солидно решение.
Според истражувањето на Форумот за промени во образованието, студент троши околу 11.000 евра за универзитетски трошоци, домување и храна до крајот на студиите. Преку интервјуа со студенти на повеќе факултети е утврдено дека студент троши и до 15.500 денари за еден семестар, само за храна, во зависност од тоа на кој факултет и град студира.